Атлетико (М) одморен против Ливерпул, Сити без право на грешка

53

Новото, 3. коло од групната фаза во најпрестижното клупско натпреварување, Лигата на шампиони, може да се покаже како клучно кога е во прашање амбицијата на клубовите да обезбедат пласман во 1/8 финалната рунда или пак да останат во игра за првите две позиции на табелата. Од сите осум натпревари, кои денеска се на програмата, најголемо внимание ќе привлече пресметката на „Ванда Метрополитана“, помеѓу актуелниот шампион на Шпанија, Атлетико (М) и англискиот премиерлигаш Ливерпул. Со победа „црвените“ ќе го направат можеби најважниот чекор кон реализацијата на првата зацртана цел, пласман во следната елиминациска рунда. Ливерпул веќе има освоено шест бода, додека „јорганџиите“ имаат два бода помалку.

  • Нашиот следен противник во Лигата на шампиони, тимот на Атлетико (М) имаше слободен викенд, не играше првенствен натпревар. Такво нешто не може да се случи во Англија или пак да му се случи на Ливерпул. Ако нешто такво се случи, тогаш ќе кажам „Господе, како е тоа можно“. Јасно е дека противникот е во предност, играчите му се поодморени, а игра и на домашен терен. Ние имаме мали проблеми со повредените фудбалери, но можам да потврдам Алисон и Фабињо ќе бидат во комбинација за натпреварот, изјави менаџерот на Ливерпул, Јурген Клоп.

Без право на нов пораз, после тој во Париз, се фудбалерите на англискиот премиерлигаш Манчестер Сити. Актуелниот шампион на Англија важи за апсолутен фаворит пред стартот на дуелот против белгискиот преставник Бриж и се освен победа на „граѓаните“ во Белгија ќе биде дефинирано како вистинска сензација.

  • Знаеме што треба да направиме, знаеме дека мора да победиме. Сите тоа го знаеме. Таква е реалноста, Сити секогаш е во опасност, таква ни е судбината. Немавме многу време за да се подготвиме за дуелот против Бриж, но убеден сум дека ќе го дадеме максимунот и ќе ги освоиме трите бода, изјави менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола.

ДЕНЕСКА НА ПРОГРАМАТА: ГРУПА А: Бриж – Манчестер С., ПСЖ – РБ Лајпциг. Табела: ПСЖ 4, Бриж 4, Манчестер С. 3, РБ Лајпциг 0 бодови. ГРУПА Б: Атлетико (М) – Ливерпул, Порто – Милан. Табела: Ливерпул 6, Атлетико (М) 4, Порто 1, Милан 0 бодови. ГРУПА Ц: Бешикташ – Спортинг Л., Ајакс – Борусија Д. Табела: Ајакс 6, Борусија Д. 6, Спортинг Л. 0, Бешикташ 0 бодови. ГРУПА Д: Интер – Шериф, Шахтјор Д. – Реал (М). Табела: Шериф 6, Реал (М) 3, Интер 1, Шахтјор Д. 1 бод.