Кошаркарите на Атланта се пласираа во финалето на Источната конференција во НБА лигата, откако триумфираа во решавачкиот седми натпревар против Филаделфија со 103:96.

Атланта во „мајсторката“ ја предводеше Кевин Хуертер со 27 поени и седум скокови. Тре Јанг оствари дабл-дабл со 21 поени и 10 асистенции, а Данило Галинари уфрли 17 кошеви.

Екипата на Атланта во финалето на Источната конференција ќе игра против Милвоки, кој во полуфиналната серија во седум натпревари го елиминираше Бруклин.

Во финалето на Западот, кошаркарите на Феникс поведоа со 1:0 во серијата до четири победи, откако синоќа на домашен терен го совладаа Лос Анцелес Клиперс со 120:114.

Феникс беше предводен од Девин Букер со трипл-дабл од 40 поени, 13 скокови и 11 асистенции.

Феникс е домаќин и на вториот натпревар, што е на програмата ноќта меѓу вторник и среда.