Атиџе Муратова на средба со учениците од Лозово и нивните гости од Португалија, Бугарија и Грција

151

Во рамките на Еразмус плус програмата хероината на „Медена земја” Атиџе Муратова денеска во холот на ООУ „Методија Митевски – Брицо” во Лозово се сретна и другаруваше со децата од ова училиште и нивните гости од Португалија, Бугарија и Грција. Средбата беше во рамките на проектот „Играј и учи за младоста” , финансиски поддржан од Европската комисија за образование, а кој е посветен на учење на децата на веќе подзаборавените детски игри од училишните дворови и улиците.

Додека се емитуваа делови од нејзиниот документарен филм, Атиџе им раскажуваше на децата за своето детство, а евоцираше спомени за своите детски игри и куклите од дрво и волна и партали, кои самата ги изработувала. Атиџе им упати силни пораки на децата да се дружат преку игрите.

Таа им порача за да бидат здрави секое утро да јадат по едно лажиче мед со лимон, но и да се дружат со пчелите, бидејќи тие го одржуваат светот и им рече секогаш кога се во друштво и со секого сè да делат пола пола.

Атиџе потенцира дека многу ги сака сите децата и, како што вели, ако му посветиш барем малку внимание на некое дете, тоа ќе биде со тебе.

На родителите им упати силна порака да не трчаат само по работа туку да наоѓаат повеќе време за своите деца и да ги учат децата на вистинските вредности.

-Родителите се тие кои ги изведуваат децата на прав пат и кои треба да ги оттргнат од лошите патишта.Но и децата треба да ги почитуваат родителите па и да се грижат за нив кога ќе остарат, порача Атиџе.

Децата веќе ја знаеја Атиџе од телевизија, а некои од нив веќе го гледале и филмот „Медена земја, а и сакаат да им раскажува за пчелите и за нејзините игри од детството. На крајот од оваа средба за која децата ни изјавија дека ќе ја паметат цел живот, сите среќни заедно се фотографираа./МИА