Атина до Москва: Се надеваме дека Русија ќе го користи името Северна Македонија

49

Договорот од Преспа уште од потпишувањето придонесува во зајакнувањето на мирот и стабилноста на Балканот, воедно е и меѓународно признат модел за решавање на разликите меѓу две независни суверени држави под покровителство на ОН, без мешање на трети страни, реагира Министерството за надворешни работи на Грција на соопштението на руското МНР за договорот меѓу Македонија и Грција, објави МКД.мк.

Нашите меѓународни партнери се повикани да го почитуваат духот и содржината на договорот и да го поздрават фактот што политичките раководства на двете земји ја покажаа неопходната политичка храброст за да стигнат до решение за едно особено тешко прашање, во исто време бранејќи ги нивните национални интереси“, се вели во соопштението на грчкото МНР.

Тие изразуваат уверување дека Русија „ќе ја почитува чувствителноста на грчкиот народ во однос на употребата на името Македонија“, и отсега па натаму за земјата ќе го користи „новото уставно име, односно Северна Македонија“.

И што е најважно, ќе се дистанцираат од слични изјави како што се мешање во внатрешните работи на Грција, одговара грчкото МНР на делот од соопштението од Министерството за надворешни работи на Русија поврзано со внатрешно-политичките случувања во Грција.

„Споменувањето на руското МНР на политичките случувања во земји пријатели не е во согласност со нивото кое ги карактеризира грчко-руските односи и трајните врски на пријателство меѓу нашите народи“, велат од Министерството за надворешни работи на Грција и додаваат дека ова создава „разумна загриженост бидејќи го занемарува одреденото со закони и ефективно демократско функционирање на институциите во Грција и на Уставот во кој има јасни одредби“ за справување со секакви можни случаи и „секако не е сфера за коментари од трети страни“.

Извор: МКД.мк