Зголемената употреба на ЛЕД технологијата и другите видови осветлување го осветлуваат ноќното небо до „драматично ниво“ и, со сегашната брзина, за 20 години, повеќето соѕвездија нема да бидат видливи, предупредуваат астрономите.

Прекумерната употреба на надворешно осветлување, како што се улични, рекламни и спортски светла, ја намалува видливоста на ѕвездите, објави The Guardian.

Астрономите во 2016 година утврдија дека Млечниот пат повеќе не е видлив на третина од населената територија на човештвото, а светлосното загадување оттогаш уште повеќе се зголеми.

„Ноќното небо е дел од нашето опкружување и идните генерации би биле многу лишени доколку не можат да го видат ноќното небо во неговата вистинска форма, исто како да сте лишени од гледање птичјо гнездо. Не мора да бидете астроном за да се грижите за ова. Јас не сум орнитолог, но ако не слушам птици што црцорат во мојата градина, би се чувствувал осиромашен“, изјави британскиот астроном од Кембриџ, Мартин Рис.

Рис е основач на парламентарната група за следење на ноќното небо, која неодамна изготви извештај во кој повикува на мерки за избегнување на светлосното загадување.

Се предлага, меѓу другото, да се формира министерство за ноќното небо, да се формира комисија и да се постават одредени стандарди за интензитетот и насоката на осветлувањето.

Истражувањето на физичарот Кристофер Кајбе од германскиот центар за геонаука открива дека светлосното загадување сега создава ефект на осветлување на ноќното небо за 10 проценти годишно, што може да предизвика таков ефект што дури и најсветлите ѕвезди многу брзо „исчезнуваат“ од небото.

Детето кое се родило кога на небото биле видливи 250 ѕвезди, денес, кога ќе наполни 18 години, може да види само 100 ѕвезди, се посочува во анализата на The Guardian.