Астра Зенека: Не дадовме претерани ветувања за испорака на дози

15

Извршниот директор на Астра Зенека, Паскал Сорио денеска изјави дека фармацевтската компанија не дала претерани ветувања во врска со испорака на вакцини против Ковид-19 во светот, бранејќи го намалувањето на количината на испорачани дози.

Европската комисија поднесе тужба против британско-шведската компанија поради непочитување на договорот за испорака на вакцини и поради недостаток на цврст план што би обезбедил навремена испорака.

Сорио рече дека Астра Зенека максимално се потрудила да испорача вакцини во Европската унија колку што било можно и додаде дека е разочаран што компанијата не можела да дистрибуира повеќе дози, но рече и дека работата на фармацевтската компанија на вакцината била „целосно посветена“ за да се зголемат резервите.

– Никогаш не ветивме повеќе, само разговаравме за она што сметавме дека е остварливо во тоа време, изјави Сорио додавајќи дека компанијата не испорачала доволно вакцини во Европа, како што се надеваше.

До крајот на април, Астра Зенека доставила 50 милиони дози на Европската унија, а до крајот на март беше доставена само четвртина од ветеното за ЕУ.

Компанијата соопшти дека планира да дистрибуира 100 милиони дози на ЕУ до крајот на јуни, наместо 300 милиони дози предвидени со договорот.

Сорио оцени дека во Индија 90 проценти од дозите се вакцини на Астра Зенека.

– Замислете каква би била ситуацијата во Индија без нашата вакцина. Замислете да не постапивме така, замислете да кажевме „не“, рече Сорио.

Астра Зенека соопшти дека досега се испорачани 300 милиони дози во 165 земји во светот.

Извор: МИА