Најновите истражувања на научниците од Работната група за превентивни услуги на САД (USPSTF) укажуваат дека прекумерното внесување аспирин може да придонесе за ризик од крвавење во желудникот или да старее мозокот. Од фармацевтската компанија БАЕР за весникот ВЕЧЕР велат дека аспиринот продолжува да биде превентивен третман и може да спаси многу човечки животи кај оние пациенти кои веќе имале кардиоваскуларен настан и препорачуваат консултација на пациентот со лекар. Според нив, пациентите добро го поднесуваат, а кај најголем број од нив ретко се појавуваат несакани дејства

Лекарите повеќе од еден век препорачуваат редовно консумирање аспирин за да се спречат срцеви и мозочни удари. Но, најновите истражувања на научниците велат дека прекумерното внесување може да придонесе за ризик од крвавење во желудникот или да старее мозокот. Работната група за превентивни услуги на Соединетите Американски Држави (USPSTF) деновиве ги финализираше своите најнови препораки за режимите на употреба на ниски дози аспирин со коишто тврди дека луѓето на возраст над 60 години не треба да почнат да земаат аспирин дневно за примарна превенција на проблемите со срцето, во повеќето случаи.

Упатствата се фокусираат на пациентите кои земаат аспирин за примарна превенција, односно употреба на аспирин за превенција на прв кардиоваскуларен настан, како што е срцев удар или исхемичен (поврзан со згрутчување) мозочен удар. Според нив, доколку имате помеѓу 40 и 59 години, се препорачува со помош на лекар да одлучите дали во одредени околности треба секојдневно да земате аспирин.

Д-р Стивен Нисен, претседател на кардиоваскуларна медицина во Клиниката во Кливленд, кој не бил вклучен во изготвувањето на упатствата, вели, ако сте здрав 40-годишен човек, без големи фактори на ризик, ќе направите повеќе штета отколку добро ако земате аспирин, бидејќи има ризик од крвавење.

-Во секундарната превенција, аспиринот е важен. Ако имате стент, ако сте имале миокарден инфаркт или мозочен удар, за сите тие луѓе, аспиринот дејствува. Тој дава скромна, но дефинитивна корист – вели Нисен и дополнува дека аспиринот може да спречи и згрутчување на крвта и затоа лекарите со години го препорачуваат за спречување на кардиоваскуларни проблеми, како што се срцев или мозочен удар.

Од фармацевтската компанија БАЕР за весникот ВЕЧЕР велат дека аспиринот e глобално признат лек, камен-темелник за превенција на кардиоваскуларни (КВ) настани како што се срцев удар и исхемичен мозочен удар кај соодветни пациенти.

Срцевите и мозочните удари во голема мера може да се спречат, а аспиринот продолжува да биде златен стандард и игра клучна улога во спречувањето на кардиоваскуларните (КВ) настани.
Индикациите за употреба ниски дози аспирин, како што е аспирин® протект 100 мг, се разликуваат меѓу земјите.

– Во Република Северна Македонија, аспирин® протект 100 мг се употребува кај возрасни пациенти за намалување на ризикот од смртност кај пациентите со сомнение за акутен инфаркт на срцето, намалување на ризикот од заболување и смртност кај пациентите кои преживеале инфаркт на срцето, секундарна превенција на мозочен удар, намалување на ризикот за транзиторни исхемични цереброваскуларни напади (ТИА) и мозочен удар кај пациентите со ТИА. Се намалува и ризикот за заболување и смртност кај пациентите со стабилна и нестабилна ангина пекторис (срцево заболување со карактеристична, спазматична, контрактивна болка во градите), превенција на опструкција на циркулацијата поради крвни грутки (тромбоемболија) по одредени васкуларни операции, намалување на ризикот за прв акутен инфаркт на срцето кај лицата со кардиоваскуларни фактори на ризик (како, на пример, шеќерна болест, хиперлипидемија, хипертензија, дебелина, пушење, старост) – објаснуваат од фармацевтската компанија „Баер“ за весникот ВЕЧЕР.

Што се однесува за препораките на Работната група за превентивни мерки на Соединетите Американски Држави (USPSTF), која неодамна ги ажурираше препораките за примена на ниски дози аспирин, од „Баер“ укажуваат дека мошне е важно да се напомене дека препораките не се однесуваат на пациентите кои веќе се на терапија со аспирин препишан од лекар за секундарна превенција, односно примена на аспирин кај лицата коишто веќе имаат дијагностициран кардиоваскуларен настан, како што е срцев удар или исхемичен (поврзан со згрутчување) мозочен удар и нивна превенција.

– Овие препораки не ја променија важноста на аспиринот кај овие пациенти. Аспиринот продолжува да биде превентивен третман и може да спаси многу човечки животи кај оние пациенти кои веќе имале кардиоваскуларен настан -потенцираат од „Баер“ и препорачуваат консултација на пациентот со лекар.

Според нив, никој не треба да започне, да престане или да го менува режимот на земање аспирин без претходно да се консултира со својот лекар.

– Ризиците од наглото прекинување на употребата на аспирин се многу битни – ризикот за нов срцев удар се зголемува за 63 проценти, а ризикот за мозочен удар поврзан со згрутчување се зголемува за 40 проценти – велат од „Баер“ врз основа на најновите информации или истражувања за аспиринот.

Според анализите на фармацевтската компанија, кога се користи аспиринот согласно со неговите одобрени кардиоваскуларни индикации, тогаш лекот е ефикасен и пациентите добро го поднесуваат, и кај најголем број од пациентите ретко се појавуваат клинички значајни несакани дејства.

Најчесто забележани несакани дејства се вртоглавица, зуење во ушите, крвавење од носот, ринитис, диспепсија, болка во гастроинтестиналниот тракт, воспаление на гастроинтестиналниот тракт, гастроинтестинално крвавење, осип, чешање, крвавење од уринарниот тракт – укажуваат од „Баер“ и дополнуваат дека, како и сите лекови, и аспиринот не е соодветен за секого.

(В.Ма.)