АСО: Вложувањата во неживотно осигурување надминаа 10 милијарди денари

62

Вредноста на вложувањата во сите класи на неживотно осигурување во 2022 година надмина 10,5 милијарди денари или 171 милиони евра. Осигурителниот пазар лани пораснал за 9,2 отсто, односно за 14,3 милиони евра во споредба со 2021 година, покажуваат податоците што до Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) ги доставуваат друштвата за неживотно осигурување.

Како што информираат од АСО, сите 11 друштва за неживотно осигурување лани склучиле над 1,71 милиони договори за осигурување и тоа е за 16 отсто подобар резултат од претходната 2021 година.

-Во најголемата доброволна класа – осигурување имот лани се вложени вкупно 2,1 милијарди денари или 34,3 милиони евра. Склучени биле над 145.000 договори за осигурување имот, а продажбата на полиси за оваа класа лани бележи благ пад од 2,7 отсто. Најголем раст на вложувањата има кај дополнителното (приватно) здравствено осигурување. Ова останува да биде најпопуларна класа на доброволно осигурување која трета година по ред бележи најголем раст на продажба. Лани продажбата пораснала за 68 отсто, го продавале десет осигурителни компании, а од продажба на договори за здравствено осигурување инкасирале 679,6 милиони денари, односно 11 милиони евра, посочуваат од АСО.

Како што нагласуваат, забележителен раст лани бележат и вложувањата во каско осигурување на моторни возила. Вкупната вредност на вложувања во оваа класа пораснала за 12 отсто и достигнала 994 милиони денари, односно 16,2 милиони евра.

-Во патничко осигурување (туристичка помош за патување во странство) граѓаните лани вложиле 229,3 милиони денари или 3,7 милиони евра. Продажбата на овој производ лани пораснала за 55 отсто во споредба во претходната година. Најголема осигурителна класа останува осигурувувањето од автомобилска одговорност. За задолжително осигурување од автомобилска одговорност склучени се 665.000 договори во вредност од 3,83 милијарди денари или 62,3 милиони евра. За патување во странство осигурителите издале над 235.000 зелени карти за кои осигурениците платиле 1,15 милијарди денари, односно 18,7 милиони евра. Во гранично осигурување лани осигуреници вложиле 129,5 милиони денари или 2,1 милиони евра, велат од АСО.

Што се однесува до работењето на друштвата за неживотно осигурување, врз основа на нивните неревидирани извештаи, профитабилноста е значително подобрена во 2022 година во споредба со 2021 година.

-Десет од вкупно 11 друштва годината ја завршиле со добивка (пред оданочување). Дури осум компании кои работеле со добивка лани имаат подобар финансиски резултат во споредба со 2021 година, прецизираат од АСО.