АСОМ реагира на предложените измени на Законот за игри на среќа, кои според нив водат кон затворање на цела една стопанска гранка

30

Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) реагира на предлог измените на Законот за игрите на среќа и забавните игри поставени на Единствениот национален електронски регистер на прописи (ЕНЕР) и изразува жалење, што и покрај многуте обиди од нивна страна за конструктивно делување во унапредување на регулативата, повторно се предлагаат измени кои водат кон затворање на цела една стопанска гранка, губење илјадници работни места и огромни загуби за државниот буџет.

Забелешките, како што во соопштението, на Асоцијацијата кои во најкус можен рок ќе бидат и официјално доставени преку ЕНЕР се однесуваат на зголемувањето на даноците и давачките, правните имликации по однос на скратување на стекнатото деловно право преку важечките лиценци, но пред сé на оддалеченоста од 500 метри на деловните објекти од образовните инсититуции.

– Измените за оддалечување на деловните објекти се целосно неприфатливи и подготвени сме силно да се спротивставиме на ваквиот предлог. Растојанието од 500 метри оддалеченост на нашите деловни објекти од образовните институции значи затворање на 98 отсто од уплатно-исплатните места, односно гасење на целата стопанска гранка. Со ова директно се загрозува егзистенцијата на повеќе од 8000 семејства, односно повеќе од 8000 вработени кои преку ноќ ќе останат без работа. Ефектите од ова ќе се прелеат и врз други стопански гранки како и врз повеќе од 50000 работни места, кои индиректно зависат од нашата работа, велат од Асоцијацијата.

Дополнително АСОМ посочува дека со ваквиот закон се одзема стекнатото деловно право на компаниите кои имаат важечки лиценци за постоечките објекти и укажуваат на домашни и меѓународни правни импликации доколку им се скрати ова право на компаниите.

– Иако во повеќе наврати досега, АСОМ укажуваше дека ваквото законско решение ќе создаде услови за развој на сивата економија и нелегалното обложување, институциите не ги земаа предвид овие последици при носење на предлог измените на Законот. Несфатливо е како инстуциите не можат да ги предвидат ризиците од измените на Законот кои се предлагаат. Ако ние ставиме клуч на врата на легалните спортски обложувалници, практично ќе згасне една веќе добро регулирана стопанска гранка. Затворањето на спортските обложувалници нема да го запре обложувањето, играчите ќе бараат алтернатива, а обложувањето ќе се префли на нелегални локации, каде државата ќе нема контрола ниту врз средствата, ниту врз безбедноста на играчите и малолетниците. Ова де факто ќе значи дека државата ќе се соочи со нелегално обложување и ќе отвори пат за развој на сива економија, предупредуваат од АСОМ.

Во однос на предлогот за зголемување на давачките, АСОМ потенцира дека приредувачите во земјава и сега плаќаат највисоки даноци во Европа, а наведената причина за нивно зголемување е целосно контрадикторна со оддалечувањето на објектите.

Aко, стои во соопштението, интенцијата на регулаторот била да се зголемат приходите на државата, истиот мора да го земе предвид фактот дека тие средства едноставно нема да можат да се наплатат. Сосема спротивно на тоа, тие драстично ќе се намалат, бидејќи ќе следи забрзано затворање на уплатно-исплатни места и губење работни места на илјадници граѓани.

– Каква нелогичност е зголемувањето на даноците, наспроти растојанието на кое нé обврзуваат. Ако ние ставиме клуч на врата на нашите објекти, државата не само што нема да има бенефит од поголеми даноци, туку ризикува да изгуби повеќе од 250 милиони евра кои од игрите на среќа се слеваат во државниот буџет. Ова само потврдува дека законските измени се направени без економски анализи и без да се земат предвид импликациите врз државната економија која во моментов е силно погодена од пандемијата, истакнуваат од АСОМ.

Во соопштението наведуваат дека заклучоците на Асоцијацијата се дека ова не е европски закон. Сметаат дека европските закони не предвидуваат оддалеченост на објектите, затоа што ниту едно истражување во светот не покажало дека близината на објектите до образовните институции влијае врз навиките на младите. Законодавната пракса во европските земји не познава ограничувања, туку превенција која се врши со целосна забрана за влез на малолетници и големи казни за прекршување.

Од Асоцијацијата појаснуваат дека и кај нас, во постоечкиот Закон за игри на среќа прашањето за забрана на учество на малолетници веќе е строго пропишано со членот 20 кој вели дека лицата под 18 години не можат да учествуваат во игрите на среќа и не им е дозволен влез во просториите во кои се приредуваат игрите на среќа.

АСОМ бара стопирање на процесот и вклучување на сите засегнати страни во подготовка на современ закон по европски терк.