Арсоска: Поради корона вирусот, компаниите не можат да ги потпишат договорите кои ни носат пари

Преку пратки, кои со бродски транспорт патуваат и до два месеца, е невозможно да се пренесе вирусот. Психолошката бариера кај луѓето е голема и покрај увозот и извозот се доведува во прашање и склучувањето и потпишувањето на договорите кои можат да имаат повеќекратен девизен ефект врз македонската економија 

1012

Македонските компании не можат да ги потпишат договорените трговски договори и трпат огромни штети поради забраната за патување во земјите кои се заразени со корона вирусот. Од друга страна, големи штети трпат и увозот и извозот бидејќи постои психолошка бариера за тргување со овие земји. Поради тоа претседателката на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска, смета дека психолошката бариера кај луѓето, а вклучително и кај деловната заедница е најважниот момент во делот на трговска размена и на економската соработка.

– Практично ова прерасна во еден вид на психолошка војна. Постои страв за увоз и извоз и на пратки и производи од Кина и до оние подрачја кои се заразени или инфицирани и онаму каде што не постојат опасности во однос на пратките. Вториот дел е во тоа што има извесни проблеми, а тоа е во делот на одржување на големите настани кои се добри за трговската размена со овие држави. Затоа што сега во овој момент кога треба да се планираат целогодишните планови тие се откажуваа. Тоа дефинитивно ќе се одрази на економијата, особено на оние компании кои што имаат партнерства и кои имаат договори кој требало да ги склучат, а сега во овој момент не можат тоа да го направат. Тоа се договори кои однапред се договараат, изјави Арсовска.

Таа појасни дека исто како и во Македонија и таму договорите подлежат на нотарски заверки. Поради тоа, доколку имате договор за потпишување или за склучување мора физички да сте присутен, бидејќи истиот не може електронски или дигитално да се потпише и да се испрати.

Според неа, во моментов поради забрана за одење таму и поради заканата од пренесување на вирусот тие работи се одложуваат, односно се одложува склучувањето на договори кои можат да имаат значајни девизни ефекти врз нашата економија.

-Тоа се однесува и на оние традиционално настани на кој склучуваме важни трговски договори како на пример Иницијативата „17 +1“, чии членки се земјите од Централна и од Источна Европа + НР Кина, која оваа година требаше да се одржи токму во Кина. Компаниите кој се членки на ССК секоја година традиционално склучуваат трговски договори за конкретна соработка во рамките на овој форум на лидери на влади „17 +1“, кој однапред со месеци се договараат. Оваа година одржувањето на овој форум е ставен под знак прашање поради корона вирусот. Постои висок ризик да се оди таму и да се склучат сите тие договори, објаснува Арсовска.

Таа појасни дека минатата година бил потпишан договор со кој нашата земја се обврзала на намалување на трговскиот дефицит во рамките на Иницијативата „17 +1“, бидејќи Македонија има трговски дефицит со сите држави кои припаѓаат на оваа Иницијатива. Сега поради корона вирусот, таа вели дека се доведуваме во ситуација кога не можеме да го реализираме она што било неопходно за поголем извоз на македонските компании. Меѓутоа, се доведува во опасност и увозот затоа што постои психолошка бариера за увезување на роба која што пристига од Кина, Италија.

-Најважно од сè е дека психолошката бариера е голема, а преку пратки кои со бродски транспорт патуваат и до два месеци е невозможно да се пренесе вирусот. Поради тоа, се доведува во опасност и увозот и извозот на стоки, заклучува Арсовска.

(А.С.)