Арсовска: Ќе распишеме конкурс за избор на директор на МКЦ – институцијата може да биде самоодржлива

47

Младинскиот културен центар во Скопје е една од институциите со најголем потенцијал да биде самоодржлива и така треба да продолжи, па затоа веднаш по завршувањето на ревизијата ќе биде распишан конкурс за избор на директор на МКЦ на којшто ќе можат да се пријават сите заинтересирани страни, изјави градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска во интервју за МИА.

Таа вели дека буџетот за култура што го одреди Градот Скопје во висина од речиси 260 милиони е скоро ист во споредба со средствата предвидени за минатата година, од кој се распределуваат средства за сите културни институции во надлежност на Градот и се работи на обезбедување на нивна самоодржливост.

Според неа, МКЦ е една од институциите којашто има најголем потенцијал да биде самоодржлива и дека добро и квалитетно функционира во изминатите години, па така и треба да продолжи.

– Верувам дека можеби стравот од промените иницираа да се има таква бурна реакција, нешто што не треба да биде својствено, особено имајќи предвид дека некогаш промените носат нешто што е подобро. Целта на градот е да се разреши сето она што досега се случувало таму, а било детектирано како неправилности кои што се случувале изминатите неколку години. Доколку нешто функционирало на еден начин не значи дека нема подобро да функционира доколку го ставите во рамки на законот и прописите како што би требало да биде, рече Арсовска.

Таа изразува надеж дека во МКЦ „ќе се надминат сите предизвици“, посочувајќи дека функционира Колегиумот и очекува во најскоро време да заврши ревизијата што е во тек и врз основа на извештајот од неа да може да се корегира сето она што излегува од рамките на нормалноста, со цел иниституцијата да биде функционална.

– Затоа веднаш по завршувањето на ревизијата ќе биде распишан јавен конкурс на којшто сите заинтересирани страни ќе можат да се пријават, во насока да се има избран директор, додаде Арсовска.

Во однос на реконструкцијата на Универзална сала, Арсовска вели дека во рамки на тоа што е договарано со министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, во Советот на Град Скопје ќе се дискутира кои се опциите за изнаоѓање на најдобро решение за Универзалната сала.

– Средствата коишто се одвоени за Универзалната сала во 2021 година, се одвоени од страна на буџетот на Владата и тие го опфаќаат само надворешниот дел, а во однос на проектирањето и изведбата на внатрешниот дел на Универзалната сала, нема ниту готов проект во рамки на Градот, ниту пак имаме соодветно финансирање коешто е сериозно и коешто би опфатило од прилика речиси до 10 проценти од целокупниот буџет на Градот Скопје, што е сериозна сума што би требало да се одвои, посочи Арсовска.

Таа исто така информираше дека во тек е завршувањето на сите постапки и процедури за почеток на изградбата на новиот Луна парк во Скопје, при што се финиширани се сите формално правни аспекти и се отпочнуваат работите на терен за средување на самиот простор.

– Јас се надевам дека веќе видливи резултати во новиот Луна парк ќе имаме до крајот на оваа година со дел од реквизитите и содржините коишто ќе бидат неопходни за скопјани. Продолжуваме исто така понатаму за сето она коешто е неопходно да се добави, за скопјани да имаат целосно функционален Луна парк којшто треба да биде една атракција не само тука за во Македонија, туку и пошироко за во регионот, рече Арсовска.