Арсовска му спакува кривична на Арсов

416

Град Скопје по иницијатива на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) поднесе кривична пријава до Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција против поранешниот в.д. директор на ЈУ МКЦ, Русе Арсов, за организацијата за дочекот на Новата 2020 година. Тој не постапил согласно одредбите од Законот за јавни набавки при објавување на Јавен повик за избор на коорганизатор на активностите за „Дочек на Новата 2020 година“.

– Русе Арсов во својство на в.д. директор на ЈУ МКЦ-Скопје на ден 14.12.2019 година објавил јавен повик за избор на коорганизатор на активностите за „Дочек на Новата 2020 година“ додека критериумите за избор на најповолна понуда со определни бодови од јавната установа биле донесени на 18.12.2019 година, односно по објавување на јавниот повик, и истите не се составен дел на јавниот повик. Поради необјавувањето на овие критериуми, потенцијалните учесници на јавниот повик не биле информирани на кој начин ќе се врши доделувањето на бодовите и изборот на најповолна понуда – Данијел Апостолоски, советник за односи со јавност во Град Скопје.

Според Апостолоски, во понатамошната постапка Арсов како в.д. директор на ЈУ МКЦ на ден 20.12.2019 година склучил договор со Здружението Дирекција за култура и уметност Скопје, со што постапил спротивно на Законот за јавни набавки и овозможил настанот да се организира надвор од пропишаната законска регулатива.

– Токму во врска со оваа постапка од Државната комисија за спречување на корупцијата побарано е од Град Скопје да се изврши ревизија во однос на спроведувањето на одредбите од договорот склучен помеѓу Град Скопје и МКЦ, со оглед дека ДКСК постапувала по пријава и оформила предмет за испитување на сите наводи. По испитувањето на сите наводи и прибавени информации од ДКСК од многубројни институции, како што се Бирото за јавни набавки, Управа за јавни приходи, и сл., констатира дека поранешниот в.д. директорот на ЈУ МКЦ, Русе Арсов, не ги применил одредбите од Законот за јавни набавки при објавување на Јавен повик за избор на коорганизатор на активностите за „Дочек на Новата 2020 година“, и ја злоупотребил својата службена положба, заради што и поднесовме кривична пријава за утврдување на негова кривична одговорност – додаде Апостолоски.