Арсовска во Кисела Вода: Позитивните промени за Скопје ќе дојдат по 31 октомври

88

Независната кандидатка за градоначалник на Град Скопје поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска, со средба со граѓани од Кисела Вода продолжи со теренските активности по победата во првиот круг на изборите и со тоа го означи почетокот на изборната кампања за вториот круг. На синоќешната средба фокусот беше на изнаоѓање решенија за проблемите во општината.

Жителите од населбата посочија дека во моментов приоритетно е решавањето на проблемот со неконтролирано градење.

-Јас многу добро ги знам проблемите со кои што се соочуваат жителите на општина Кисела Вода, а имам и конкретни решенија како да се надминат. Непланското градење ќе запре со креирање детален урбанистички план во соработка со повеќе експерти. Проектите од мојата изборна програма се предложени врз основа на нивните проблеми. Затоа, за Кисела Вода е предвидена реализација на еден од петте мега паркови, ќе се изградат и повеќе монтажни паркинзи што значително ќе го решат проблемот со узурпирање на просторот меѓу зградите и тротоарите, а ќе се започне и со чистење на депониите веднаш по моето стапување на функцијата градоначалник на Град Скопје, изјави Арсовска на средбата.

Освен тоа, додаде, Кисела Вода ќе биде поврзана со вело патека и ќе се реализира изградба на директна патна поврзаност со Аеродром.

-Позитивните промени за Скопје доаѓаат по 31 октомври. Заедно со скопјани ќе успееме во тоа, рече таа.

Арсовска им се заблагодари на присутните за поддршката што и ја дале во првиот круг од изборите и ги повика сите оние кои ја поддржуваат нејзината визија за модерно и современо Скопје, да излезат на изборите и во вториот круг и заедно да го направат главниот град, како што рече, град на среќни и задоволни жители.