Апокалиптични сцени од пожарите во Австралија, луѓето се заробени на плажи

115

Илјадници луѓе се заробени на плажите на југоистокот од Австралија, откако претходно ги напуштиле своите домови заради пожарите што се шират од силниот ветар, а досега најмалку две лицa загинаа.

Околу 4.000 жители и туристи биле присилени од пожар да ги напуштат домовите и сместувачките капацитети во Малакута, во државата Викторија, каде небото е сосема црно од густиот чад, јави Си-Ен-Ен.

Во раните утрински часови се огласиле сирените за узбуна кои предупредуваат на непосредна опасност од пожари, а жителите се упатиле кон плажата, следејќи го планот за евакуација што претходно го изложиле градските власти.

На плажата со граѓаните се наоѓаат три екипи за вонредни систуации.

Американските медиуми наведуваат дека ситуацијата на теренот е апокалиптична, како и дека најмалку две лица погинале. На фотографиите од овој град се гледаат нагласено црвените бои од пламенот, што формира облак од црн чад.

Премиерот на државата Виктгорија, Даниел Ендрјус, изјави дека е планирана евакуација на заробените луѓето кои се наоѓаат на брегот од морето.

Ендрјус, исто така, кажа дека четири лица се водат за исчезнати и дека засега не е познато што им се случило.

Тој побара помош од 70 пожарникари од САД и Канада.

Состојбата со пожарите во Викторија и Нов Јужен Велс се влоши по вчерашните исклучително високи температури, силниот ветар и удар на гром.

Полицијата на Нов Јужен Велс потврди дека двајца мажи, за кои се верува дека се татко и син, погинале во домот, додека трет маж се води за исчезнат.

Според официјалните податоци, во пожарите во Австралија досега погинале 12 лица.