Анѓушев: Платите и пензиите се зголемуваат поради растот на економските бројки

56

Како Влада мора да ги решаваме тековните проблеми, а ако ги прашате стопанствениците човечкиот кадар им е најголемиот проблем со кој се соочуваат и токму затоа создаваме услови за зголемување на платите, порача вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

– Мора да им помогнеме на компаниите да ги задржат луѓето. Затоа во фокус на Предлог буџетот за 2020 година ќе бидат инвестициите во човечки капитал. Зголемувањето на платите и пензиите не е предизборен поткуп, туку се заснова на растот на економските бројки во последните две години, рече Анѓушев во емисијата „Топ тема на ваша страна” на ТВ Телма.

Со помало задолжување на државата, потенцира, имаме раст на економските бројки и остваруваме подобри резултати.

Како пример посочи дека во периодот од 1 јули 2013 до 1 јули 2015 година просечната плата пораснала за 821 денар, од 2015 до 2017 година за 842 денара, а од 2017 до 2019 година за 2.790 денари. Во истиот период од 2013 до 2015 се отворени нови 21.119 работни места, од 2015 до 2017 година 40.314, а од 2017 до 2019 година 54.391 нови работни места.

– Тоа го прави реалната економија и отворените работни места. Во ПИОМ влегуваат нови пари заради новоотворените работни места и порастот на просечната плата, а ќе дојдат и нови пари поради субврнционирањето на растот на платите од 600 до 6.000 денари. Логично е и пензионерите да го почувствуваат растот на платите и на приливите во Фондот. Овие мерки и политики се подготвуваа пред неколку месеци, односно пред да знаеме дека ќе има предвремени избори поради недобивањето датум за пристапни перговори со Европската Унија, посочи Анѓушев.

Вицепремиерот демантира дека најавеното покачување на платите кај медицинските работници е дел од изборната кампања.

– Доколку не се покачат платите на медицинските работници ќе останеме држава без доктори. За покачувањето се говореше уште во јуни минатата година, тоа не е нешто ново. Сега се создадоа услови да може да се реализира, потенцира Анѓушев.