Државната комисија за спречување на корупција на денешната прес-конференција информираше дека открила наоди според кои сестрата на поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, Лиле Делиџакова, пред две години е поставена за потпретседател на Комисијата за хартии од вредност откако поминал рокот за пријавување.

– Владата го направила изборот на 17 април 2018, но со документи од Делиџакова кои биле извадени подоцна од рокот за пријавување на апликацијата на Комисијата за хартии од вредност. Во самиот јавен оглас на КХВ се вели дека документите и пријавите после датумот за пријавување нема да се земат во предвид. На дел од документацијката во досието на Делиџакова се гледа дека тие се извадени на 23 и 24 април. Владата ја избрала без да биде избрана целокупната документација, рече Софија Пеовска Дојчиновска, потпретседателката на ДКСК.

Од Антикорупциска велат дека не добиле повратно објаснување од комисијата и дека Владата може да формира комисија за избори за разгледување на прашања од кадровската политика.

– Меѓутоа не добивме докази и документи дека оваа комисија постапувала по однос на административна селекција. Ни преостанува да доставиме иницијатива до новата Влада со која ќе побараме преоценување на комплетната постапка на избор на членови, додаде Пеовска-Дојчиновска.

Од таму велат дека за ова ќе биде информирано и Собранието, како надзорно тело кое ги верификува членовите на УО на КХВ. Антикорупциска порачува дека овој избор мора да биде ревидиран бидејќи се работи за системска корупција.