Анкета на „Рејтинг“: Заев во предност пред Мицкоски за 5 проценти

280

СДСМ може да обезбеди побрзо членство на државата во ЕУ и НАТО и да осигура поголема слобода и демократија, покажува најновата анкетата спроведена од Агенцијата „Рејтинг“. 

Исто така, за 4% повеќе граѓани сметаат дека СДСМ може да обезбеди подобар економски стандард од ВМРО-ДПМНЕ и исто толкав процент повеќе, дека може да обезбеди поголема независност на судството.

Анкета на агенцијата„Рејтинг“ е  спроведена меѓу 1080 испитаници со метод „интервју лице в лице“.

Според резултатите од анкетата, повеќето граѓани сметаат дека лидерот на СДСМ, Зоран Заев би бил подобар иден премиер од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

На прашањето кој е најважниот проблем со кој моментално се соочува земјава, граѓаните сметаат дека тоа се ниските плати и животниот стандард. Следни се криминалот и корупцијата, невработеноста, а на четврто место следат високите трошоци за живот.

За тие проблеми 30 отсто од испитаниците одговориле дека подобро може да се справи Влада предводена од СДСМ, а 26 отсто рекле дека тоа е Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

На прашањето: „Кој потег, активност или мерка превземена од Владата на СДСМ во изминатите две и пол години го сметате за најпозитивен?“, предничат покачувањето на платите, минималната и просечната, а потоа напредокот во Евроатланските интеграции. На трето место е зголемувањето на социјалната помош.

Повеќето граѓани негативно ја оценуваат работата на техничките министри кои ги постави ВМРО-ДПМНЕ во Владата. Дури 44 отсто рекле дека нивната работа ја оценуваат негативно, додека 35 отсто рекле дека ја оценуваат позитивно. Еден од пет испитаника не знае или нема мислење за работата на техничките министри на ВМРО-ДПМНЕ.