Анита, поранешната сопруга на Ковач, за трагедијата на нивниот син Еди – “Го молев Мишо да не му купува пиштол на 16-годишното дете!Само смртта на детето е најлошото нешто што може да им се случи на родителите.”Трагедија на еден од најомилените балкански пејачи…

1498

“Само смртта на детето е најлошото нешто што може да им се случи на родителите. Тогаш веќе ништо не ви е важно, ама баш ништо. Ниту парите, ниту музиката, ниту луѓето со кои другарувавте, ниту сопствениот живот. Ви доаѓа да се самоубиете во моментот“

– Мишо тогаш имаше еден добар пријател кој водеше воена единица, па кога виде дека нашиот син Еди сака да го живее воениот живот, го замоли да го земе во војска. Бевме убедени дека по неколку дена ќе му здодее строгата војничка дисциплина, ќе се врати дома, но се случи спротивното. Најтрагичното! А, Еди навистина бил примерен војник. Правел сè што му било војнички кажано, дури спиел на под, секој втор ден јадел грав. Беше маѓепсан од идејата дека еден ден ќе биде како некој филмски херој. Кога се врати дома, продолжи да сонува за војната, која тогаш почна да се заканува на овие простори – раскажува Анита Батурина, некогашната југословенска мис и втора сопруга на балканската музичка ѕвезда Мишо Коваш.

Нивната врска започна кога таа имаше нешто повеќе од 18 години, а тој беше во брак со извесна Љубица. Веста дека Мишо се разведува од Љубица одекна како бомба во тогашните весници, во далечната 1971 година. Мишо се венчаше со Анита, набргу потоа им се роди синот Еди, а потоа и ќерката Ивана, која денес е поп-пејачка. Живееја идеално во Загреб. Мишо беше многу голема пејачка ѕвезда со милиони продадени плочи, најпосетени концерти, имаше многу хитови, победуваше на југословенските фестивали, менаџер му беше нашиот Џаро… и сè така до распадот на Југославија. Тогаш, во таа братоубиствена војна што  им ги растури бракот и самиот живот, загина нивниот син Еди, а Мишо се обиде да се убие. Батурина, која сè уште важи за згодна жена, деновиве ја раскажа нивната тажна приказна.

– Јас и Мишо ги воспитувавме децата секогаш да бидат добри со другите деца и да им помагаат, без разлика на тоа што имаат славен татко. Но, за жал, дојдоа тие жални 90-ти. Еди стана член на „Bad Blue Boy“. Се сеќавам дека почна да гледа претерано многу воени филмови со своите пријатели, да се воодушевува од акциите во филмовите. Постојано зборуваше дека сака да војува, иако беше малолетник, имаше само 16 години. Му реков на Мишо дека воопшто не ми се допаѓа тоа кај Еди и дека мораме да направиме нешто за да го вратиме на училиште. Еди не попушти. Мишо тогаш направи уште поголема глупост. Купил пиштол и му го подарил на Еди. Го молев да не го прави тоа, да му става на детето оружје во рацете. Но, Мишо имаше огромна доверба во Еди и ми тврдеше дека нашиот син е доволно одговорен, дека знае што добива од него, дека има пиштол во рацете, а не детска играчка. Од тој несреќен ден, Еди повеќе не се одвојуваше од пиштолот. Сè до таа кобна ноќ.

Еди секогаш се јавуваше ако останеше подолго и секогаш знаевме каде е и што прави. Но, таа вечер не одговори на нашите телефонски повици. Воопшто не дојде дома дури ни во 22, ни во 23 часот, ни по полноќ. Се шетав низ станот како полудена од големата грижа, со многу лошо претчувство. Го молев Мишо да направи нешто, да оди да го бара. И Мишо беше збеснат, нервозен. Никогаш дотогаш не сум го видела маж ми да биде толку наелектризиран со нервите. Излегував пред куќата, гледав по улицата, чекав од некаде да се појави синот Еди. Околу три и пол по полноќ ни заѕвони телефонот. Мишо се јави и… занеме, остана без зборови. Полицијата го извести дека Еди е во Драшковиќевата улица, во Трауматолошката болница и дека „има полесна повреда на мозокот“.

Веднаш двајцата како да одлетавме со крилја до болницата, не знаејќи дека за последен пат го гледаме нашиот син. Само смртта на детето е најлошото нешто што може да им се случи на родителите. Тогаш веќе ништо не ви е важно, ама баш ништо. Ниту парите, ниту музиката, ниту луѓето со кои другарувавте, ниту сопствениот живот. Ви доаѓа да се самоубиете во моментот. Мишо и јас бевме целосно скршени од болка. Јас се распаѓав, но му реков на Мишо дека мора да продолжиме со животот поради ќерката Ивана. Таа беше на чувствителна возраст, имаше едвај 14 години, го загуби својот сакан постар брат, а потоа со денови гледаше во нас како само плачеме и молчиме. Нашето девојче страдаше само, не можевме да му помогнеме. Набргу потоа, семејството целосно ни се распадна… другото го знаете. Јас и Мишо се разведовме, тој сакаше да се самоубие, јас психички се разболев, а Ивана се предаде во канџите на дрогата. Еден општ ужас! – раскажа со голема тага во гласот Анита Батурина, поранешната сопруга на Мишо Ковач, за својот трагично загубен син Еди.

Таа денес живее во едно мало место покрај Шибеник, на Јадранското Море, има внука од ќерката Ивана и е мажена по втор пат. Се занимава со туризам и угостителство.   (Д.М.)