Еден ден кога ќе создадам свое семејство би сакал да им посветам авторка песна

Својата кариера како соло пејач  ја започна пред осум години. Многумина го знаат по неговите хитови: „Срце мое“, „Како да те преболам“, „Моја Јована“, „Две сестри“ и преработка на стара македонска песна „Абер ми дојде од Солуна града“. Ангел Стојкоски реши својот талент да го надгради па сега студира на одделот саксофон-класика, во Скопје. Има учествувано и на фестивали, но настапот за паметење беше на фестивалот за избор на летен фолк-хит. Турнеи, песни, соработници, утрински ритуали, хоби, идолот и уште други нешта раскажани од Ангел за весникот ВЕЧЕР.

Ангел Стојкоски / Фото: Приватна архива

Овој 22-годишниот стружанец и во слободно време не се дели од музиката па си свири и на саксофон. Така е тоа кога амбициозноста и успехот се неизбежен составен дел од животот на фолкерот.

– Мојот утрински ритуал започнува со кафе и убав појадок зготвен од мене. Потоа слободното време го започнувам пред се со вежбање на саксофон, спремање на мојата дипломска задача и за крај вежбам пеење. Мое хоби е планинарењето, потекнувам од планинско место Малесоја Локов и уживам во природните убавини, раскажува Ангел.

Од тапан до саксофон па до пејач, а потоа и до музичко образование.

–  Уште во раните години,како дете многу ја засакав музиката, постојано сакав да слушам разни песни, но и  да пеам некоја песна што ми го освоила срцето. Јас најпрво дури на моите 5 години започнав да тропам на тапан. Кога веќе почнав да разбирам повеќе се појави љубов кон саксофонот, па така, со поддршка од моите родители почнав да учам да свирам и исто завршив средно музичко училиште, вели пејачот.

Сите работи гледа да ги научи од познатиот пејач Наум Петрески, а еден ден би сакал да посвети песна на неговото семејство.

– Не верувам дека постои некој кој воопшто не згрешил или не го заборавил текстот. Понекогаш и самата атмосфера го носи тоа, но си продолжуваш како ништо да не било, нема застанување забавата мора да продолжи, тоа доаѓа заедно со искуството.  Еден ден би сакал да бидам како мојот драг колега Наум Петрески, гледам сите позитивни работи да ги научам од него, сепак се работи за балканска ѕвезда и се надевам дека ќе се оствари мојата желба, раскажува Стојкоски.

– Искрено, досега не сум размислувал на тоа да посветам песна на мојата сакана. Еден ден кога ќе створам свое семејство би сакал да имам моја авторска песна, посветена на нас, додава фолкерот.

И во карантински услови креативно си создаде авторска песна.

–  Како резултат на долговремениот карантин дојдов до идеја да почнам да пишувам песна, ми доаѓаа многу мисли, па ги запишував и на крај споив. Со помош на мојот драг другар и колега Љупчо Милошески нешто сменивме, нешто додадовме и го комплетиравме целиот текст. Се работи за печалбарска песна и разделеноста на двајца браќа. Музиката и аранжманот се дело на Златко Миладиноски, а приказната и целиот спот го осмисли исто Љупчо. Сега направивме  и  премиера на мојата најнова авторска песна „Брате мој“, ја снимивме заедно со IN TV продукција. Се надевам дека многу луѓе ќе се пронајдат и ќе биде одлично прифатена од страна на публиката, раскажува тој.

 

Со нетрпение чека да помине моменталната состојба па пак да започне со пеење, турнеи и дружба со колегите.

-Сум бил на турнеи во Руен, Франција, потоа во Тренто, Италија, заедно со КУД „Илинден“ од Струга и последно бев на турнеја низ Америка, која траеше два месеца, заедно со Елена Велевска, клавијатуристот Илија Тотовски и саксофонистот Митко Бежаноски. Се надевам дека брзо ќе се реши оваа ситуација па повторно ќе имаме можност да работаме како порано, неуморно да пееме, да се забавуваме и секако да шетаме, вели Ангел. (Маја Анчевска)