Ангел Димитров: Политиката годинава ѝ го зема приматот на економијата, а 2020-та почнува со хендикеп – избори

243

Иако беше промовирана како година на економијата, 2019-та година сепак го изгуби приматот во однос на политичките проблеми и настани, како што се НАТО, датум за почеток на преговорите со ЕУ и слично, смета претседателот на Организацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров.

Во Македонија продолжува трендот на иселување на младите, процес кој многу негативно ќе се одрази на иднината на економијата. За жал ги трошиме скромните ресурси за образование, здравствена заштита и другите фондови за кадар кој ќе придонесува за развој на странските економии. Владата се обиде преку финансиска поддршка на инвестициите, поддршката на порастот на платите, разните субвенции да го поддржи растот, но главните предизвици за остварување на економски раст околу 5 проценти сè уште остануваат. Некои проекти како што е субвенционирањето на порастот на платите, за кои нема искуство во другите земји во околината, ќе треба време да видиме дали и колку ќе придонесат за растот на платите, смета тој.

Нотирајќи дека следната, 2020 година  започнува со еден хендикеп, а тоа се нови парламентарни избори, тој не е оптимист дека економијата значително ќе напредува.

-Изборите, како по правило негативно ќе влијаат на економијата, но компаниите не живеат од избори туку од борбата на пазарите на стоки и услуги. Се надевам дека политичките лидери ќе сфатат дека на овој степен на развој на економија сè уште мораме да ја поддржуваме индустријата, зголемувањето на продуктивноста и извозот, затоа што не смееме странските искуства едноставно да ги пресликуваме кај нас, напротив да ја имаме предвид нашата структура на стопанството, нашите предности и слабости и решенијата да ги темелиме врз база на можностите, а не на желбите, смета Димитров.