Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Игор Ангеловски, го имаше првиот собир со избраниците за Европското првенство кое стартува на 11 јуни.

Тој жали што засега не може да смета на Енис Барди, кој е позитивен на коронавирус и го очекува што побрзо да се врати.

  • Жалам што овие подготовки ги започнавме со една непријатна вест, но еве испраќам порака до Енис: „Сите стоиме со тебе и посакувам да поминеш без никакви симптоми“. Посакувам што побрзо да го добие тој негативен тест и да ни се приклучи во репрезентацијата. Се надевам дека ова ќе биде единствената лоша вест во овие подготовки. Што се однесува до останатите, сите се пристигнати во репрезентацијата, освен Горан Пандев и Столе Димитриевски, кои на крајот и тие ќе се приклучат во подготовките, истакна Ангеловски.

Селекторот на Македонија исто така посочи дека без разлика дали се работи за тренинзи или официјални натпревари, интензитетот и желбата за најдобро прикажаното на терен – останува иста.

  • Уште од првиот ден кога застанав на чело на репрезентацијата кажав дека секој собир е значаен и секој меч е значаен кога се игра за националниот грб. Без разлика што се работи за подготовки на ЕП, пристапот мора да биде ист како и до сега, ништо поразлично не практикуваме и не сакаме да примениме. Истите тренинзи ќе ги искористиме за некои тактички варијанти, за да бидеме што поподготвени за ЕП. Долго време се знаеме со фудбалерите, ги имаме разработено сите тактички варијанти. Како и до сега, фудбалерите се подготвени да го остават целиот атом од нивните сили и можности, додаде Ангеловски.

ФОТО: Петр Стојановски