На еден од најзаслужните одбојкари кои за прв пат ја пласираа македонската репрезентација на едно Европско првенство, Дарко Ангеловски, му понудија нова работа – да копа компири.

Имено, либерото на „црвено – жолтите“ на својот фејсбук-профил објави дека и официјално е слободен агент откако не ја продолжи соработката со црногорскиот тим Будва, со кого пред еден месец го освоија првиот трофеј во домашниот Куп. По неговата објава, следуваа коментари околу неговиот нов ангажман, па некои се пошегуваа па му понудија „да им ги ископа компирите“. Исто така, имаше и такви коментари дека, како и тоа дека „тим од Франција е во потрага по либеро, па доколку е заинтересиран да испрати CV и две фотографии“.

Но, шега на страна, Ангеловски летово ќе мора да се посвети на обврските со националниот тим и премиерниот настап на Европското првенство кое ќе започне во септември. Тој неодамна во интервју за дневниот весник Вечер ги откри своите очекувања од големиот спортски настан кој следува.

Тоа ќе биде нешто ново за сите нас. Можеби ќе не гледаат како аутсајдери, но ние нема да излеземе со бело знаме и сигурен сум дека ќе го дадеме максимумот за да се прикажеме во најдобро светло. Прво, сите ние репрезентативците, ќе се обидеме на најдобар можен начин да ја завршиме сезонава на клупски план и воедно да ја подигнеме формата на едно повисоко ниво, а потоа не очекуваат и пријателски натпревари со репрезентацијата на кои ќе видиме до каде е нашиот капацитет. Евидентно е дека ќе биде многу интересно кога ќе дојде денот за настап на големиот континентален собир, а искрено очекувам дека ќе освоиме и бодови. Сепак, ова е прво првенство за нас, нешто ново, нешто досега непочувствувано, против селекции кои се на самиот врв и кои вложуваат многу повеќе во овој спорт. Сепак, со нашата мотивација и срцето кое ќе го оставиме на терен ќе покажеме дека не случајно сме дел од најголемиот континентален собир во Европа, истакна Ангеловски меѓу другото во интервјуто за „Вечер“.