Ангеловска: Ребаланс за опоравување и рестарт на економијата

42

Ребалансот на Буџетот за 2020 година што Владата го донесе вчера на седница е ребаланс за опоравување и рестар на економијата во услови на Ковид-19, оцени министерката за финансии Нина Ангеловска, која заедно со заменик-министерката за финансии Ширет Елези ги претставија измените и дополнувањата на прес-конференција.

– На краток рок, потребни се брзи акции. Потребно е да го фатиме моментот на опоравување и максимално да го искористиме – за да извадиме најдобри можни резултати, кои ќе ги амортизираат донекаде шоковите од здравствената криза, која не погоди во вториот квартал годинава. Мерките и активностите што ќе се преземаат ќе бидат катализатор, забрзувач на процесите во периодот на опоравување, кој треба да започне во третото тримесечје, а да се интензивира во четвртото тримесечје. Тоа е фокусот на овој ребаланс. Ребаланс за опоравување и рестарт на економијата во услови на Ковид-19, рече Ангеловска.

Според неа, целта со ребалансот, кој произлегува од антиципираните движења и извршените надолни корекции на БДП, е реално да се прикажат очекувањата како резултат на здравствениот и економски шок предизвикан од Ковид-19.

Со предложените измени и дополнувања на Буџетот за 2020 година вкупните приходи  се планирани на ниво од 196,8 милијарди денари (3,2 милијарди евра) и истите се помали за 11,5 отсто или за 25,5 милијарди денари (414,6 милиони евра) во однос на планот. Министерката оцени дека проекциите се реалистични и дека во проекцијата оделе далеку поконзервативно и се воделе по основ на сите показатели и реализација што ја има во април и врз основа на предвидувањата за вториот, третиот и четвртиот квартал.

Вкупните расходи се планирани на ниво од 242,9 милијарди денари или 3,95 милијарди евра што е за 1,4 отсто повеќе, односно за 3,3 милијарди денари  или 53,7 милиони евра се повисоки во однос на иницијалниот буџет за 2020 година.

Врз основа на планираните приходи и расходи, министерката рече дека дефицитот е позициониран на 6,8 отсто од БДП или во апсолутен износ од околу750 милиони евра и што е во линија на проекциите на Европската комисија

Како што појасни даочните приходи учествуваат со 55,4 отсто и се планирани на ниво од 109 милијарди денари или 16,2 отсто (односно 21,1 милијарда) намалување во однос на првичните проекции за 2020 година. Придонесите кои учествуваат со 33 отсто во вкупните приходи како изворни приходи на фондовите се планирани во износ од 63,4 милијарди денари или за 5,4 отсто пониско во однос на планот за 2020 година или 3,6 милијарди пониско во апсолутен износ. Останатите приходи како неданочни, капитални и странски донации се планирани на ниво од 25 милијарди денари или за 3 отсто пониско во однос на иницијалните проекции.

Таа додаде дека се предвидени 82 милиони евра за Ковид-19 кризата.

Министерката посочи дека кратење на платите кај администрацијата нема да има и оти расходите за плати се проектирани на ниво од 30,2 милијарди денари и се за 0,4 милијарди денари пониско, како резултат на ефектот од преземените мерки, односно временaта забрана за нови вработувања во државната администрација, освен за ангажирања на соодветен кадар во здравствениот сектор и во други сектори кои се во насока на справување со последиците од корона вирусот.

Капиталните расходи се планирани на ниво од 19,5 милијарди денари или 4,2 милијарди денари пониски во однос на планот за 2020 година, но повисоки во однос на нивото кое беше со одлуката за прерапсределба.

– Имено со одлуката за препраспредлбата која беше спроведена минатиот месец од капиталните расходи беа реалоцирани околу 3,5 милијарди денари со цел спроведување на мерките и тоа од капитални расходи кои се однесуваат најмногу на опрема, возила и слични кои не се суштински и директно поврзани со справување со кризата. Со ребалансот намаливме-односно ги реалоциравме дополнителни 700 милиони денари со што капиталните расходи, кои се задржани на ниво од 19,5 милијарди денари, што е всушност на ниво на максимално реалзирани капитални расходи во изминатите 10 години. Реализацијата на истите во време на оваа криза ќе одигра значајна улога во аморитзирање на ударот врз економијата, рече министерката.

Расходите за стоки и услуги се намалени за 1,8 милијарди денари во однос на планот за 2020 година, рече министерката и додаде дека како резултат на мерките за сведување на минимум на сите трошења од Буџетот кои суштински и директно не се поврзани со справувањето од корона вирусот, без притоа да се наруши редовното подмирување на обврските на буџетските корисници, како и обезбедени се средства за спроведување на парламентарни избори во 2020 година.

Министерката потенцира дека тековните трансфери се планирани на ниво од 166 милијарди денари или за 9,6 милијарди денари повисоки во однос на планот за 2020 година, а се однесуваат на преземените мерки за обезбедување на средства за имплементација на економските мерки донесени од страна на Владата за справување со кризата предизвикана од пандемијата, а кои ќе имаат директен импакт врз реалната економија и дирекно помагање на приватната потрошувачка.

Министерката за финансии на прес-конференцијата посочи дека финансирањето на буџетскиот дефицит  ќе се сервисира со поволни средства од меѓународни финансиски институции, повлекување на средства на домашен пазар преку државни хартии од вредност, како и со излегување со еврообврзница на меѓународниот пазар на капитал. –

– Ќе се направи најоптималното портфолио кое ќе има најдобра комбинација по трошок и рочност, односно услови за понатамошно сервисирање на долгот, рече минисерката.

Таа додаде дека јавниот долг со ова би достигнал околу 58 проценти, но оти тоа ќе зависи од тоа колку и како ќе се повлекуваат средствата.

Очекувањата за економскиот раст согласно влијанијата на меѓународното окружување, како и здравствените мерки преземени дома за заштита од Ковид-19  се очекува забавување на економската активност од -3,4 отсто, што е проекција во линија со Народната банка и меѓународните финансиски институции – па дури е и поконзервативна во однос на дел од нив, на пример во споредба со Светска банка.

Одговрајќи на новинарски прашања рече дека усогласувањето на пензиите е веќе иницијално планирано со трошоците на живот и дека веќе е буџетирано и треба да се реализира, а за стапката на невработеност се очекува таа да биде околу 17 проценти.