“Јас во суштина сум едно многу дружељубиво девојче што со огромна љубов ја сака музиката, луѓето, публиката и секако пеењето кое што просто е дел од мене…“, вели за весникот ВЕЧЕР седумнаесетгодишната Ана Петановска која ги воодушеви присутните во салата на Македонската опера и балет со своите изведби во рамките на Василичарскиот концерт

 

Има само 17 години, а нејзиниот моќен глас и настапот на Василичарскиот концерт во Националната опера и балет предизвика бура од овации и аплаузи. Таа со неверојатна леснотија и жар ги изведе песните од програмата меѓу кои и “Тажна љубов среќна песна“, а присутните сакаа да знаат кое е девојчето со бисерен глас… Токму интересот кој Ана Петановска го предизвика со своето присуство на сцената на која рамо до рамо во вокалната изведба се носешево со своите поискусни колеги, не поттикна да дознаеме нешто повеќе за неа. На нашето прашање која е всушност Ана Петановска таа едноставно ни одговори: “Јас во суштина сум едно многу дружељубиво девојче што со огромна љубов ја сака музиката, луѓето, публиката и секако пеењето кое што просто е дел од мене. Во слободно време свирам пијано и гитара, но покрај музиката, многу сакам спортување, филмови, готвење, патувања и дружења со пријателите и најблиските. Учам во гимназија и сум трета година“, вели за весникот ВЕЧЕР Ана. Таа додава дека ова бешеи нејзин прв настап на ваква сцена и прекрасно искуство. “Голема чест, но и голема радост беше да се настапи во Националната опера и балет на Василичарскиот концерт со цел симфониски оркестар зад мене, под диригентската палка на Бисера Чадловска“.

 

Музиката отсекогаш била присутна во нејзиниот дом

Со оглед дека од нејзиниот настап се гледаше дека ужива во секој момент на сцена, ја запрашавме како всушност започна нејзината музичка приказна поврзана со пеењето? “Музиката отсекогаш ми била блиска бидејќи секогаш била присутна во нашиот дом, а моите родители ни овозможиле да ја изградиме таа љубов. Тие имаат најголема заслуга за се што постигнувам бидејќи веруваат во мене и во целост ме поддржуваат. Мојот брат Стефан, пак, мислам дека е главниот ‘виновник’ за мојот интерес  кон пеењето. Тој е постар и почна да свири на гитара на доста рана возраст, додека јас сеуште бев многу мала, и уште од кога знам за себе тој ми го пренесувал своето знаење  за музиката. Сфатив дека имам добар слух и дека потенцијално можам да пеам. Во училиште тоа беше препознаено од  моите наставници, и со нивното охрабрување и поддршка почнав да вежбам песни со кои се пријавив на неколку училишни натпревари. Добивав многубројни признанија, кои што беа мотив уште повеќе да работам на пеењето и постепено сфаќав дека тоа во целост ме исполнува. Последователно се нижеа настани, натпревари, патувања, концерти, како и училишни, така и разни музички проекти, и континуирани настапи со мојот брат и уште неколку прекрасни луѓе музичари, од кои научив многу, за себе, за моето пеење и за музиката“, ни одговори Петановска.

Бројни настапи со личен печат

Ана досега настапувала на многубројни училишни градски и државни натпревари, и интернационални проекти, како настапот во Турција, Истамбул. Преку музичкото училиште Ентерпрајз била и дел од проектот „Music connects“ три пати со три возбудливи проектни концерти во Скопје и во Косовска Митровица, а настапувала и во Косово со бендот „High Frequency“, со авторски материјал, но и на многу други настани по покана… Била повеќе пати и во емисијата „Ѕвон“, а имала гостувања и во други емисии, како и соработки. На прашањето за жанрот на музиката кој го претпочита и дали знае да запее и стара македонска песна, таа ни одговори: “Имам интерес за различни жанрови на музика како што е рок, соул, поп, џез, R&B … Честопати ми кажуваат дека без оглед каков жанр пеам, секогаш оставам еден свој печат во пеењето дури и кога станува збор за популарни кавери. Во однос на старите македонски песни, на домашните прослави знам да запеам по некоја стара македонска песна, а омилена ми е „Параходот ми пристигна“, и „Македонско девојче“.

Пријателите секогаш со неочекувани нарачки

Со оглед на бројните настапи, се случувале и бројни пехови, па често се сеќава на неколкуте анегдоти кои радо ги раскажува.

“Низ смеа со мојот брат Стефан често се присетуваме на еден настан кој требаше да биде отворен со негова гитарска изведба на „Македонско девојче“ во присуство на играорци. Јас требаше да се вклучам на строфата. Застанав на сцената 10-тина секунди пред да почне мојот дел, во меѓувреме веќе сите беа на своите позиции и се чекаше само јас да започнам со пеење. Набрзо сфатив дека микофонот не е вклучен, а веќе целото внимание беше насочено кон мене. Не испаничив, со надеж дека набргу ќе биде вклучен, но излезе целата песна да ја испеам без микрофон, викајќи малку повеќе публиката да може да ме слушне. Се случи и сред настап на телевизија, се сопнав на подиумот каде што пеев, но за среќа камерманот ја имаше тргнато камерата, непосредно пред да се сретнам со подот. Иако со болка во коленото, станав и продолжив како ништо да не се случило. Честопати во занес знам да изгубам осет за тоа колку гласно и колку доцна пеам дома, но за среќа, имаме златни и добри соседи, кои секогаш нѝ велат дека уживаат додека не слушаат. А пријателите, секогаш имаат чудни нарачки за песни, и преку чудни мислам на многу неочекувани и постојано различни. Но, се радувам многу што им е комотно и убаво кога им пеам, а претпочитам кога заедно си пееме“, со насмевка вели Петановска.

Како и сите млади луѓе кои се на прагот на својот живот таа вели дека има цели во животот кои сака да ги исполни. “ Приоритет ми е образованието. Во меѓувреме континурано работам на вокалната техника и дишењето  како главен елемент во пеењето. Имам многу цели кои би била многу радосна да можам да ги постигнам, но една од нив е да настапувам пред огромна публика на голема сцена каде што публиката ги пее моите песни и заедно уживаме со вклучени блицови…“, вели Ана Петановска, на која и посакуваме да ги исполни соништата. (Д.Т.)