Амнестијата на Иванов ќе почека, таа на Чавков – зацементирана!

154

На предлог на судијата Осман Кадриу, уставните судии на денешната седница со мнозинство гласови одлучија да го одложат одлучувањето по Нацрт-решението за Законот за дополнување на Законот за помилување, за кој минатата недела поведоа постапка.

За оваа точка уставните судии ќе расправаат на некоја од наредните седници.

Предлогот на почетокот на седницата вчера го даде уставниот судија Осман Кадриу поради, како што рече, три причини:

„Прво, затоа што на некои судии им треба време да го разгледаат, како и затоа што Законот за помилување има допирни точки со другите предмети кои се на дневен ред, алудирајќи на тоа што на дневен ред е и иницијативата за Законот за амнестија за 27 април“, рече Кадриу.

Како трета причина, Кадриу ја наведе иницијативата за автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување која е во собраниска процедура.

Од вкупно девет уставни судии, „за“ предлогот на Кадриу гласаа осуммина.

Уставниот суд минатата недела поведе постапка за оценка на уставноста на членот 11-а од Законот за дополнување на Законот за помилување од 2016 година, што му овозможи на поранешниот претседател, Ѓорѓе Иванов, да ги поништи помилувањата кои самиот ги даде во април 2016 година за 56 лица, меѓу кои речиси целокупниот врв на ВМРО-ДПМНЕ.

Шестмина уставни судии со прифаќањето на иницијативата поднесена уште во 2016 година, го отворија патот, сите 56 лица, кои Иванов ги помилува, и потоа си ги поништи одлуките, да бидат целосно ослободени од кривичниот прогон. Судот смета дека со Законот за дополнувањето на Законот за помилувањето, со кој му се дозволи на Иванов да ги поништи помилувањата, излегол надвор од дадените надлежности кои ги има претседателот што е спротивно на Уставот, бидејќи се повредува принципот на владеење на правото и правната сигурност на граѓаните. Помилувањата се однесуваат на најголем дел од предметите на СЈО. Ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, беше помилуван најмногу, 16 пати. Поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска беше помилувана 11 пати, ексшефот на тајната полиција, Сашо Мијалков шест пати,  Никола Груевски пет пати, исто толку и Мартин Протоѓер. Помилувања имаше и за други функционери.

Во исто време, почна и собраниската процедура за автентично толкување  на членот 11 од Законот за помилување.

Законодавно-правната комисија треба да донесе одлука дали ќе ја прифати иницијативата и доколку ја прифати, тогаш треба да испрати предлог за автентично толкување кое ќе се најде на гласање на пленарна седница.

Барањето за автентично толкување го поднесоа двајцата пратеници од власта, Сашко Костов и Диме Велковски.

 Уставен суд не е Парламент

Уставниот суд со мнозинство гласови од судиите не поведе постапка за оценка на уставноста на член 1 и член 2 од Законот за амнестија, врз основа на кои беа амнестирани лица инволвирани лица во насилството во Собранието на 27 април 2017 година. Иницијативата е поднесена од Митко Чавков,  поранешен директор на Бирото за јавна безбедност.

Доколку Уставниот суд иницијативата ја разгледува по однос на одреден член од целиот Закон за амнестија и оцени дека е вонуставен, според обвинителката Вилма Рускоска, тогаш би биле амнестирани сите останати за настаните во Собранието на 27 април 2017 година.

Рускоска рече дека лично не знае во кој дел се однесува расправата пред Уставен суд, дали за целиот закон или само за одреден член.

– Ако е за одреден член само, каде точно се наведува за кого важи и за кого не важи амнестијата и ако Уставниот суд донесе одлука дека тоа е вонуставен член, тогаш сите останати би биле амнестирани. А, не сметам дека Уставен суд иницијативата ја разгледува по однос на целиот Закон за амнестија, изјави Русковска.

Уставните судии кои зборуваа за иницијативата сметаат дека нема место за поведување постапка и оти Законот за амнестија треба да остане во правниот поредок.

Судијата известител Владимир Стојановски меѓу другото рече дека Уставниот суд не може да се стави во улога на Парламентот и да определува кого да амнестира.

Подносителот на иницијативата Чавков смета дека селективната амнестија ги крши основните слободи и права на човекот загарантирани со Уставот.

Судијата  Осман Кадриу посочи дека Чавков, како подносител на иницијативата,  е лишен од едно уставно право, а тоа е лишувањето од слобода.

Кадриу кажа дека амнестијата е во надлежност само на Собранието, додека помилувањето и аболицијата  се во надлежност на претседателот на државата.

-Амнестијата се дава со закон што го носи Собранието и не се дава на лица со име и презиме, туку групно за конкретни кривични дела, рече Кадриу, додавајќи дека ова е 6-ти закон за амнестија донесен од Парламентот.

Меѓу амнестираните за „крвавиот четврток“ беа и петтемина пратеници Крсто Мукоски, Сашо Василески, Јохан Тарчуловски, Љупчо Димовски и Љубен Арнаудов, кои беа обвинети дека ги отвориле вратите и ги насочувале лицата со фантомки и другите граѓани кон пленарната сала и кон прес-центарот во Собранието на 27 април.

Меѓу амнестираните беа и водачите на протестите на „За заедничка Македонија“, Богдан Илиевски, Владо Јовановски и Борис Дамовски, кои беа обвинети дека со своите говори ги повикале граѓаните да влезат во законодавниот дом.

Судот во Скопје изрече казна во времетраење од вкупно 211 години на 15 обвинетите за упадот во Собранието на 27 април 2017 години за загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Највисока казна од 18 години затвор доби поранешниот директор на БЈБ, Митко Чавков, а останатите добија од осум до 15 години затвор. Ослободителна пресуда за 27 април доби оперскиот пејач Игор Дурловски.