Десетици странски државјани, за кои се претпоставува дека се американски војници, во саботата навечер ги вознемириле граѓаните на крајбрежниот град Бусан во Јужна Кореја со огномет на плажа.

Тие на плажата го славеле Денот на независноста, поради што полицијата морала да интервенира и да уапси дел од нив, пренесува Јонхап.

Војниците испукале неколку огномети кон небото, па дури и кон граѓаните, и тоа траело околу два часа, а полицијата соопшти дека примиле повеќе од 70 повици од граѓани кои биле вознемирени од оваа состојба, особено затоа што странците не носеле заштитни маски и не одржувале физичко растојание.

Полицијата соопшти дека американските војници кон граѓаните испукале огномет без дозвола и им се потсмевале на полицајците, поради што во смирување на ситуацијата учествувале шест патролни автомобили.

И покрај присуството на полицијата, војниците не престанале со огнометот, а еден војник во своите 20-ти години кој испукал огномет кон граѓаните е уапсен.

Плажите низ Јужна Кореја се повторно отворени за граѓаните, со обврска посетителите да постапуваат во согласност со воведените мерки за да се спречи ширењето на коронавирусот.