Американски агенти во костец со криминалот во Македонија

По повеќемесечна истрага во соработка со Американската служба за борба против дрога – ДЕА, македонското МВР разби организирана криминална група наркодилери, која шверцувала 200 килограми дрога во комбе. Приведени се шест лица и запленета е дрогата вредна над 800 илјади евра. Од МВР информираа дека во акцијата за разбивање на криминалната група, дел од приведените лица учествувале директно во транспортот на дрогата, а дел биле затекнати на други локации како организатори. Опозицијата прашува дали возилото во кое е пронајдена дрогата е во сопственост на фамилијата на премиерот Заев и дали Трајче Заев, братучедот на премиерот, избегал во Дубаи. Трајче Заев на ова преку социјалните мрежи демантираше дека споменатото комбе од акцијата на МВР е сопственост на фирма на Заеви. Тој тврди дека ниеден од уапсените не е вработен во ниедна фирма на Заеви, а самиот тој е на службено патување од 23-ти март во Обединетите Арапски Емирати. И од СДСМ реагираа дека ниту комбето, ниту било кој од приведените во акцијата немаат каква било поврзаност со семејството на премиерот Заев и ги обвинија ВМРО-ДПМНЕ за фејк њуз и манипулации.

196

Македонското МВР разби организирана криминална група наркодилери, која шверцувала 200 килограми дрога во комбе. Приведени се шест лица и запленета е дрогата вредна над 800 илјади евра. Од МВР информираа дека во акцијата за разбивање на криминалната група, дел од приведените лица учествувале директно во транспортот на дрогата, а дел биле затекнати на други локации како организатори. Комбето со 200 килограми марихуана било запрено кај с. Раец на патот Прилеп – Росоман. Полицијата извршила претреси кај осомничените и кај дел од нив биле пронајдени дрога, оружје и пари. Едно од лицата кај кого се пронајдени пари е командир од полициска станица Прилеп, како што потврди и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Акцијата била спроведена по повеќемесечна истрага во соработка со Американската служба за борба против дрога – ДЕА.

-На патниот правец Прилеп – Росоман, во близина на с. Раец биле запрени патничко возило „ауди А8“, со скопски регистарски ознаки, во кое биле пријавените К.С. и М.З.. Веднаш потоа е запрено патничко возило „дачија дастер“, со скопски регистарски ознаки, управувано од А.У., каде како сопатник бил Г.К., а зад нив и товарно возило „комбе“, во кое се наоѓала поголема количина дрога, спакувана во 40 картонски кутии во кои имало 400 полиетиленски пакувања со дрога. Лицата се лишени од слобода и од извршеното вештачење на пронајдената дрога е утврдено дека станува збор за марихуана во вкупна количина од околу 200 килограми. Во Прилеп, во исто време, е лишен од слобода и М.С., кој управувал товарно возило „ивеко“, со битолски регистарски ознаки, додека во Гевгелија, на бензинска пумпа, бил лишен и организаторот на криминалната група Д.Ј., кој управувал патничко возило „опел астра“, со скопски регистарски ознаки, појаснуваат од МВР.

Оттаму додаваат дека при извршен претрес кај А.У. во стан во Скопје е пронајдено  и поголемо количество оружје, муниција, гранати, барут и делови за оружје, а при претрес извршен во стан во Битола, кај него се пронајдени 13.600 евра и 50 илјади денари, колекција луксузни часовници, како и документација за фабрики за производство на марихуана во медицински цели. При претрес кај М.З. во Куманово, пронајдени се два пиштола и куршуми, а поголема количина парични средства се пронајдени и при претрес кај К.С. во Прилеп, полициски службеник. При претресот кај Д.Ј. од Струмица пронајдени и одземени се мобилни телефони и сим-картички, парични средства, а при негов личен претрес е пронајдена марихуана. Претрес бил извршен и кај М.С. во Битола, при што биле пронајдени парични средства и обоени банкноти од евра кои потекнуваат од кражба на банкомат.

Сите шест лица се лишени од слобода и се изведени пред Судија на претходна постапка, а МВР продолжува со истрагата за идентификување на други инволвирани лица во случајот.

Опозицијата, пак, прашува дали возилото во кое е пронајдена дрогата е во сопственост на фамилијата на премиерот Заев. Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, вчера на прес-конференција уште еднаш запраша дали комбето со кое е превезувана марихуаната е во сопственост на фирма партнер на Трајче и Бобан Заеви.

-Трет ден молк за аферата „Картел Заеви“, трет ден молк од картелот Заеви, дали директно е вмешан Трајче Заев, но и Бобан Заев, кои се први братучеди на Зоран Заев, во случајот со запленета дрога од пред 3 дена. Дрогата доаѓала директно од фирмата “Медикал 420” од Битола, фирма чија лиценца ја потпиша и одобри лично Зоран Заев како премиер, каде што при увидот, според наши информации, фалеле над 10.000 стебла со марихуана, односно тоа се повеќе од 200 килограми марихуана. Секое стебло мора да има свој евидентен број, а овде фалеле над 10.000 стебла замислете колкава е таа бројка. Затоа, уште еднаш јавно прашуваме, дали комбето со кое е превезувана марихуаната од наркодилерите Ушилковски и Чипсио е во сопственост на фирма партнер на Трајче и Бобан Заеви, рече Арсовски.

Од ВМРО-ДПМНЕ претходно преку партиско соопштение го обвинија министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски дека цел ден молчел за акцијата на македонската полиција заедно со американската агенција ДЕА. Од опозициската партија тврдат дека еден од приведени е Александар Ушликовски, личен возач на Трајче Заев, братучед на премиерот Зоран Заев и прашуваат дали Трајче Заев е во Македонија или избегал во Дубаи.

Трајче Заев, чие име го споменуваат од ВМРО-ДПМНЕ поврзано со заплената на марихуаната во вредност од 800.000 евра, на профил на социјалната мрежа Фејсбук на кој стои неговото име, наведува дека изнесените работи од опозициската партија не се точни.

-Споменатото комбе од акцијата на МВР не е сопственост на фирма на Заеви. Ниеден од уапсените не е вработен во ниедна фирма на Заеви. Јас сум на службено патување од 23 март во Обединетите Арапски Емирати со цел проширување на работата на нашите компании, отворање на нови пазари за нашите домашни македонски производи и стекнување на нови партнери за соработка, наведува Трајче Заев.

И од СДСМ вчера реагираа дека ниту комбето, ниту било кој од приведените во акцијата немаат каква било поврзаност со семејството на премиерот Заев и ги обвинија ВМРО-ДПМНЕ за фејк њуз и манипулации. (В.С.Н.)