Американските претседатели за Путин: Тој е прилично студено типче

181

Американскиот претседател ЏоБајден вчера првпат се сретна со рускиот претседател Владимир Путин. Путин е константа во светската политика, а американските претседатели се менуваат. Еве што рекле претходниците на Бајден

Американскиот претседател Бил Клинтон рече дека кога ја спуштил слушалката откако му честитал на Путин што станал вршител на должноста руски претседател во 1999 година, мислел дека „тој е доволно цврст да ја одржи Русија заедно“.

Клинтон, кој имаше топли односи со менторот на Путин, Борис Елцин, сметаше дека Путин е студен, но во своите мемоари напиша дека „Елцин избра наследник што има вештини и капацитет… да се справи со турбулентниот политички и економски живот на Русија подобро отколку што (болежливиот) Елцин можеше досега“.

Џорџ В. Буш приватно го нарекуваше Путин „едно студено типче“ пред да биде избран за претседател. Но тој беше шармиран на нивниот прв состанок во Словенија во 2001 година, славно велејќи дека го погледнал в очи за да му „ја насети душата“.

„Тој е човек длабоко посветен на својата земја“, додаде тој.

Длабоко религиозниот Буш, наводно, бил трогнат од приказната што Путин му ја раскажал за тоа дека крстот што му го дала мајка му е единственото нешто што го преживеало пожарот во неговата дача (селска куќа).

Неговиот потпретседател Дик Чејни, пак, не беше трогнат и рече дека кога го видел Путин: „Си мислев КГБ, КГБ, КГБ“, алудирајќи на советската тајна служба на која рускиот претседател некогаш ѝ припаѓаше.

Но односот заемно се влоши, па Буш во 2006 година му рече на данскиот премиер дека Путин „не е добро информиран. Тоа е исто како да се расправате со осмоодделенец, бидејќи неговите факти се погрешни“.

Путин рече дека нему нема да му се држат лекции по демократија. „Ние не би сакале да имаме демократија како во Ирак“, рече тој пред новинарите за време на заедничката прес-конференција со лидерот на САД.

Буш, исто така, му рече на британскиот премиер Тони Блер дека за малку ќе експлодирал на средба со Путин, велејќи: „Во еден момент преведувачот толку ме полуде што за малку ќе се оптегнев преку маса и ќе го здробев типот. Тој се потсмеваше, обвинувајќи ја Америка“.

Кога Русија ја нападна Грузија во 2008 година, Буш директно му се спротивставил на Путин на Олимписките игри во Пекинг, напиша тој во своите мемоари.

Тој го предупредил Путин дека грузискиот претседател е страстен човек.

„И јас сум страстен човек“, одговорил Путин.

„Не, Владимир“, возврати Буш. „Ти си студен“.

Односите меѓу САД и Русија најмногу се заладија од Студената војна па наваму под водството на првиот претседател Афроамериканец на Америка.

Обама не се ни обидуваше да го скрие својот сомнеж кон рускиот лидер. „Немам лоши лични односи со Путин“, изјави тој пред новинарите во 2013 година.

„Кога водиме разговори, тие се искрени, тие се отворени… и конструктивни. Знам дека новинарите сакаат да се фокусираат на говорот на телото, а тој го има оној опуштен став, изгледа како дете во последната клупа на кое му е здодевно…“

Потсетувајќи на познатата фраза на Буш, министерот за одбрана на Буш и на Обама, Роберт М. Гејтс, во своите мемоари напиша дека кога првпат погледнал во очите на Путин во 2007 година „како што и очекував, видов ладнокрвен убиец“.

ДоналдТрамп толку малку се потруди да ја прикрие воодушевеноста од рускиот лидер, што многумина во Вашингтон се прашуваа дали бил компромитиран од шпионските агенции на Кремљ, кои некогаш ги водеше Путин.

„Мене ми се допаѓа Путин, јас му се допаѓам нему“, инсистираше Трамп минатата година, велејќи му на новинарот Боб Вудвард дека колку што се „поостри и позлобни“ лидерите, „толку подобро јас се согласувам со нив“.

Трамп по самитот во 2018 година изјави дека повеќе е склон да му верува на Путин отколку на ФБИ во врска со руското мешање во изборите во САД во 2016 година.

„Претседателот Путин вели дека Русија не го сторила тоа. Јас не гледам причина зошто би го сторила“, додаде тој.

Претседателот ЏоБајден продолжи со тврдиот став на Обама кон рускиот лидер, предупредувајќи скоро веднаш штом влезе во Белата куќа дека „деновите на американско попуштање“ пред злосторствата во Кремљ се завршени.

На прашањето дали мисли дека Путин е „убиец“, Бајден рече: „Мислам“.