Американската атлетичарка Шелби Холихан е суспендирана на четири години поради позитивен допинг тест. Таа се колне во својата невиност и тврди дека забранетата супстанција во организмот ја внела ноќта пред тестот кога изела бурито.

Во јануари, 28-годишната американска рекордерка на 1.500 и 5.000 метри беше информирана дека во нејзиното тело е пронајдена забранетата супстанција „нандролон“. Спортскиот арбитражен суд минатата недела ѝ изрече четиригодишна суспензија.

  • Бев изненадена, изгубена, скршена, лута и збунета, ме предаде спортот што го сакам и на кој му го дадов целиот свој живот, напиша Холихан на социјалните мрежи.

Таа тврди дека никогаш не земала недозволени лекови, па дури никогаш не чула за „нандролон“, што може да помогне во зголемувањето на мускулната маса.

  • Оттогаш, сфатив дека Светската антидопинг агенција (ВАДА) одамна знае дека консумирањето на свинско месо може да доведе до погрешни резултати на „надролон“, бидејќи одредени видови свињи природно го произведуваат во големи количества. Органското свинско месо има најголеми количества на „нандролон“. Го покажав целото мени што го консумирав во текот на неделата пред тестот на 15 декември, продолжи Холихан, објаснувајќи:
  • Заклучивме дека најверојатното објаснување беше буритото што го купив и консумирав околу 10 часа пред тестот, во автентичен камион со мексиканска храна што служеше органско свинско месо во близина на мојот дом во Бивертон, Орегон. Ги информирав властите дека верувам дека тоа е причината за мојот позитивен тест. Направив сè за да ја докажам својата невиност, поминав полиграфски тест и му дадов примерок на коса на еден од најпознатите светски токсиколози. Дури и ВАДА се согласува дека тестот покажал дека нема акумулација на супстанцијата во моето тело, заврши Холихан.

Ако не ја укинат или барем да ѝ ја скратат казната, Американката не само што ќе ги пропушти претстојните Олимписки игри во Токио туку и оние за три години во Париз.