Американската воена база на Окинава во карантин поради инфекции

34

Населението на јужниот јапонски остров Окинава е загрижено откако во тамошната американска воена база се забележани десетици случаи од заразни со новиот коронавирус, јави Гласот на Америка.

Американските и јапонските власти соработуваат со размена на информации за сегашни и претходни активности поврзани со инфицирани војници.

Од 62 лица со позитивен тест за коронавирус регистрирани од 5 до 12 јли, 39 се од Футенма, авио станица на маринците, 22 се од базата Кемп Хенсен и еден од Кемп Кинзер.

Телевизијата Асаши денеска соопшти дека на базата Футенма се регистрирани уште 32 случаи.

На Окинава е стациониран основниот дел од американскиот воен контингент во Јапонија. Но за многу жители на островот, овие бази се поврзани со низа проблеми како криминал и разни други немили настани, и тие сакаат кратење на бројот на маринците или нивно целосно заминување од островот.

Како што јави Гласот на Америка, гувернерот на Окинава, Дени Тамаки, викендов изјави дека е „крајно жално“ тоа што толку голем број инфекции се случил за толку кратко време, додавајќи дека жителите на Окинава биле „шокирани“ од веста.

На Фејсбук профилот на тихоокенските бази, бригадата на маринците соопштила дека секое напуштање на базата и движење по цела Окинава се забранети, освен итни случај како преглед на доктор што треба да биде одобрен од командантите.

Не сметајќи ги инфекциите во базата, бројот на инфицирани на Окинава изнесува 148, додека во цела Јапонија досега се потврдени 22.000 случаи на Ковид-19 а досега починале околу илјада.  

Извор:МИА