Амбасадорот Саливен и го предаде на Русија американскиот писмен одговор на предлозите за безбедносни гаранции

52

Американскиот амбасадор во Русија, Џон Саливан, денеска во руското Министерството за надворешни работи го претстави писмениот одговор од Вашингтон на рускиот нацрт билатерален договор за безбедносни гаранции.

За време на средбата, американскиот дипломат го предал писмениот одговор на американската администрација на нацрт билатералниот договор за безбедносни гаранции што Русија претходно го предложи, се наведува во соопштението на Министерството.

Средбата се одржа на барање на американскиот амбасадор.

„Писмениот одговор на САД до Русија е веќе доставен“, напиша на Твитер, Џенифер Џејкобс, новинарка на Блумберг.

Претходно денеска во рускиот Парламент, шефот на дипломатијата, Сергеј Лавров, изјави дека Русија нема да го објави одговорот на САД, доколку од нив биде поднесено  такво барање. Меѓутоа, нагласи Лавров, смислата и содржината на реакцијата на Вашингтон ќе бидат јавно објавени.

Руското Министерство за надворешни работи на 17 декември 2021 година го објави нацрт-договорот со САД за безбедносни гаранции, како и договорите за мерките за обезбедување на безбедноста на Русија и земјите-членки на Северноатлантската алијанса.

Документот, меѓу другото, вклучува одредби за нераспоредување ракети со среден и краток дострел во меѓусебен дострел, откажување од натамошното проширување на НАТО на сметка на поранешните советски републики и намалување на бројот на воени вежби.