Големото мнозинство од земјите членки на ЕУ се изјасни за брзо започнување на пристапните преговори. Со тоа се признаваат напорите што досега ги презеде Северна Македонија, со навистина добри резултати. Се надевам дека ова ќе се преслика во новиот извештај за напредок на ЕУ-комисијата кој го очекуваме набрзо. Во рамките на процесот на пристапните преговори може интензивно да се работи на тоа, сѐ уште постоечките недостатоци да се отстранат заедно со ЕУ и нејзините држави членки. За реформите, потребни за градење на демократско општество, и во смисла на вредностите за кои се залагаме во ЕУ, треба време и тие понекогаш може да бидат болни. И патот до Преспанскиот договор не беше едноставен. Потребно е и малку трпение. Но, ако реформите, започнувајќи од областите владеење на правото, правосудството, борбата против корупцијата, институциите ги започнат и продолжат со потребната сериозност и политичка волја, тогаш сум оптимист дека Северна Македонија ќе успее во тоа, вели во интервјуто за весникот ВЕЧЕР, Томас Герберих, амбасадор на Германија во нашава земја.

 

Весна МИЌИЌ БОЖИНОВСКА 

 

Западен Балкан е регион од стратешко значење за Европската Унија. Сметате ли дека направивме доволно големи чекори за вратата на Унијата конечно да биде отворена за Македонија и да го добиеме долгоочекуваниот датум за старт на преговорите оваа пролет, поточно пред Самитот во Загреб?

Во изминатите три години, во кои сум амбасадор тука, можев да забележам  значителен напредок во поглед на евро-атлантската интеграција на Република Северна Македонија. Владата брзо го разјасни односот со соседните земји, Преспанскиот договор со Грција е успех што заслужува најмногу внимание, и ги започна сите суштински внатреполитички реформи. Сега е логично исто така да следи следниот чекор со брзо започнување на пристапните преговори со ЕУ.

Преспанскиот договор беше еден од условите за да тргнеме напред кон Унијата, договорот со Бугарија, уставните измени… Тоа го направивме, но дали затаивме како држава во одредени области, пред сè во судството и борбата со корупцијата?

За реформите, потребни за градење на демократско општество, и во смисла на вредностите за кои се залагаме во ЕУ, треба време и тие понекогаш може да бидат болни. И патот до Преспанскиот договор не беше едноставен. Потребно е и малку трпение. Но, ако реформите, започнувајќи од областите владеење на правото, правосудството, борбата против корупцијата, институциите ги започнат и продолжат со потребната сериозност и политичка волја, тогаш сум оптимист дека Северна Македонија ќе успее во тоа.

Колку резултатите на ова поле и нереформираното судство, случајот „Рекет“ кој ја тресе македонската јавност, но и пошироко, бројни сомнителни тендери, афери… можат да бидат пречка Македонија и сега, повторно, да остане пред вратите на ЕУ, без датум за преговори иако големо преовладувачко мнозинство на ЕУ-државите веќе се изјасниле за започнување на преговорите?

Големото мнозинство од земјите-членки на ЕУ се изјасни за брзо започнување на пристапните преговори. Со тоа се признаваат напорите што досега ги презеде Северна Македонија, со навистина добри резултати. Се надевам дека ова ќе се преслика во новиот извештај за напредок на ЕУ-Комисијата кој го очекуваме набрзо. Во рамките на процесот на пристапните преговори може интензивно да се работи на тоа, сѐ уште постоечките недостатоци да се отстранат заедно со ЕУ и нејзините држави членки.

Германија е една од земјите која ѝ дава голема поддршка на Македонија на патот кон евро-атлантските интеграции. Можеме ли и во иднина да сметаме на вашата поддршка на овој долг пат со нова методологија и нови правила на игра.

Од мене во врска со ова има јасно „да“!

Дали сметате дека Македонија мора да е во пакет со Албанија за старт на преговорите со ЕУ?
Целиот регион на Западен Балкан е дел од Европа и затоа од моја гледна точка тој ѝ припаѓа на ЕУ. Цел мора да биде, на крајот сите држави од регионот да може да ја спроведат ЕУ-интеграцијата. Од тие причини, пакет Северна Македонија – Албанија би бил пожелен од стратешки аспект. Оптимист сум дека Европскиот совет ќе најде решение што ќе биде прифатливо за сите страни.

Колку изборите можат да влијаат  на оценката?
Секоја држава, секоја влада има право суверено да одлучи дали и кога ќе се спроведат парламентарни избори. Одлуката за понатамошниот политички курс ја донесуваат во крајна линија гласачите. И потоа, владата избрана од народот би требало одговорно и во интерес на граѓаните да го продолжи овој курс.

Веќе подолг период сте во Македонија. Го чувствувате ли политичкиот јаз кој е присутен меѓу двете најголеми политички партии од македонскиот блок и што би им порачале за доброто на државата и развој на едно демократско општество кое тежнее кон европското семејство?

Се разбира дека има политички разлики меѓу „двете најголеми партии“. Според мене важно е, задржувајќи ги разликите што всушност не би требало да претставува никаков проблем во една функционална демократија, сите да се концентрираат на тоа да го подобрат животот на граѓаните на државата и да обезбедат демократски односи и владеење на правото. Затоа е потребна повеќе од кога и да е конструктивна соработка меѓу владата и опозицијата и транспарентно и искрено соочување со минатото.

Македонија и Германија се долгогодишни економски партнери. Над 200 компании со германски капитал вработуваат над 15.000 работници во земјата и многубројни домашни фирми имаат трговски и бизнис контакти со Германија или ги претставуваат големите германски марки. Колку е Германија задоволна од економската соработка со Македонија и  може ли во брзо време да се очекува некоја нова германска инвестиција во земјава?

Бројките што ги наведувате веќе покажуваат дека Северна Македонија е интересна за германските инвеститори исто како и претходно. Тука со години имаме канцеларија на Делегацијата на германското стопанство, а од 2019 година има и германски советник за економски прашања во кабинетот на вицепремиерот за економија и сакаме тоа да го продолжиме.  Во октомври 2019 г. се постави камен-темелник за новата фирма Гересхајмер во Скопје, производството треба да започне од средината на 2020 година. Ако консеквентно се продолжи по патот на реформите и засилувањето на правната држава, тогаш ќе дојдат и други инвеститори.

Многу македонски граѓани заминуваат на работа во Германија и бараат работна виза. Амбасадоре, зошто е тоа така? Веројатно е убаво да се живее во една средена демократска држава, но дали е лесно да се најде работа?

Тоа што многу луѓе ја напуштаат Северна Македонија, има многу различни причини. Би било премногу ако тука дискутираме за сите. Според мене, не се во прв план работното место или платата, што секако игра улога, туку, како што веќе формулиравте во Вашето прашање, сигурноста да се живее во демократска држава.

Дали можете да ни кажете за каков профил на луѓе се работи? Дали претежно виза бараат сезонски работници? Каков профил на работници во моментов бара Германија?

Немаме конкретна статистика за различните профили што се доселуваат во Германија како работници. Германија бара стручни лица од целиот свет, од тие причини од 1 март ќе имаме соодветен закон. Станува збор, пред сѐ, за луѓе со завршено високо образование или признато квалификувано стручно образование.