Амбасадорите од Прв Скопски економски форум: „Вие испорачувате, ние испорачуваме“ мора да важи, ама неважи!

Преговорите со Македонија и Албанија треба да почнат што е можно побрзо, приоритет на владите да бидат кредибилни и одржливи реформи, а ЕУ да стои на своите заложби, е дел од пораките на Форумот

769

Регионот на Западен Балкан е дел од Европа, неговото минато, сегашност и иднина се поврзани со ЕУ и логично е дека неговата иднина е во ЕУ. Да не забораваме, тоа е стратешка цел и на ЕУ, порача евроамбасадорот Дејвид Гир, на првиот Скопски економски форум што се одржа вчера.

 

– Сите сакаме отворање на преговорите што е можно побрзо, но мора да останеме со чисти глави, рече тој на Форумот на кој економијата сепак остана во сенка на политиката под влијание на вчерашниот состанок на Советот на министри на ЕУ во Луксембург на кој Бугарија уште еднаш го потврди ветото на евроинтеграцискиот пат на Македонија.

 

Повеќе амбасадори во нашата држава дискутираа во тој правец, а премиерот Зоран Заев, отворајќи го Форумот им се заблагодари на земјите членки на Унијата за дадената поддршка.

 

– Нашата земја ги исполни сите услови за почеток на преговорите по поглавјата за членство во ЕУ, што е безусловно потврдено од Европската комисија, како и од огромно мнозинство на 26 од вкупно 27 земји членки. Сакам да им се заблагодарам на сите земји членки од ЕУ кои ни ја даваат безрезервната поддршка овој процес да започне уште во текот на актуелното претседателство, со Португалија или претседателството што следува со Словенија, истакна тој и  изрази посебна благодарност и за континуираната поддршка од САД.

 

Германската амбасадорка Анке Холштајн нагласи дека преговорите со Македонија и Албанија треба да почнат што е можно побрзо, приоритет на владите да бидат кредибилни и одржливи реформи, а ЕУ да стои на своите заложби.

 

-Пристапот „вие испорачувате, ние испорачуваме“ мора да важи. Важно е пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија почнат што е можно побрзо.  Германија останува силен поддржувач и ќе работи тоа да се случи, порача таа.

 

Американската амбасадорка Кејт Мери Брнз изрази разочарување од епилогот во Луксембург.

 

-Остануваме разочарани што ЕУ земјите членки не успеаја да ја усвојат преговарачката рамка за Северна Македонија на вчерашниот состанок, но нема сомнеж дека државата ги исполни неопходните задачи за отворање на пристапните преговори со ЕУ и тоа е чекор што веруваме дека ќе ја зголеми регионалната стабилност и ќе ги подобри политичката и економска активност, рече таа, додавајќи дека нашата држава преземала важни демократски реформи и  станала стабилен партнер за безбедноста и напредокот на целиот регион.

 

Поддршка за евроинтеграцијата и порака дека и покрај пречките, ЕУ агендата треба да продолжи дојде и од британската амбасадорка Рејчел Галовеј и од амбасадорот на Италија во нашата држава Андреа Силвести.

 

-Сите јасно се согласуваме дека членството во ЕУ е примарна цел и за Северна Македонија и за целиот регион. И покрај пречките што се појавуваат на тој пат, не треба да се откажувате. Во изминатите три години Северна Македонија многу напредна и тоа треба да продолжи. Земјата ги исполни барањата во врска со стабилноста, реформите, договорот со Грција, а членството во НАТО е огромен придонес за мирот и стабилноста во регионот, рече Галовеј.

 

Силвести, пак, рече дека Рим ја поддржува европерспективата на сите држава од Западен Балкан.

 

Во панел дискусијата на Форумот се обрати и Еди Рама, премиер на Албанија, која заедно со нашата држава го доживеа ладниот туш во Луксембург.

 

-Ние повторно ќе треба да чекаме. Но, за мене ова не е чекање, едноставно треба да продолжиме да го правиме истото, да одиме напред и не само да се потпираме на тоа што го кажува Брисел, меѓутоа да се потпираме на самите себе, на нашата сопствена енергија да направиме максимум со цел да ги споиме мисиите во една мисија, народите во еден народ, земјите во една зона каде што нема да има ограничувања на соработката, рече Рама, нарекувајќи го Заев брат.

 

Тој додаде дека сме премали за да живееме изолирани едни од други, премали за да ја бараме иднината за нашите деца сами, но „ние тоа можеме да го направиме заедно“.

 

Економските пораки на говорниците на претпладневниот дел од Форумот се во правец на тоа дека земјите од Западен Балкан мора да соработуваат во секој поглед и без разлика на се што се случува дапродолжат со реформите.

Дојдоа и пораки дека секоја од земјите од Западен Балкан е мал пазар за сериозни инвеститори, но сите заедно се значителен и интересен пазар од 18 милиони, дека е важно да се заврши Коридорот 8, кој се вкрстува со Коридорот 10, но и дека треба да се подобри животот на граѓаните и да се реши корупцијата.
Премиерот Заев ги информира учесниците на Форумот дека Владата креира поволен деловен амбиент и еднакви услови, како за домашните така и за странските инвеститори, а националната економија е стабилна и расте. Претседателот на грчката бизнис асоцијација во нашата држава Арис Влакос, порача дека грчките бизниси во изминатите неколку години придонесуваат во економскиот раст на земјата со инвестиции од пет илјади милиони евра и околу 25 илјади нови работни места. Според Заев соработката со Грција се продлабочува и во моментов се прават подготовки да се отвори т.н. зелен коридор за слободен и приоритетен проток на стоки.

Рама : Се надевам дека нема да ви побараат да се викате „Западна Бугарија“

 

Премиерот на Албанија, Еди Рама, вчера како учесник на Скопскиот форум во хотелот Александар Палас му даде безрезервна поддршка на премиерот Зоран Заев и на Македонија на патот кон евроинтеграцијата.

 

Албанскиот премиер побара искреност од Европската унија и побара од нив да не и кажуваат на Албанија и Македонија дека „не сакаат но дека двете земји не се подготвени“, туку да кажат искрено дека „Брисел не е подготвен да не прими во семејството“.

 

„ Заев се спротивстави на сите нерешливи проблеми, ја отвори партијата да вклучи Албанци за тоа да биде граѓанска партија а не моноетничка. Тој има право да се чувствува фрустриран затопа што Бугарија бара нешто повеќе. Му реков дека нема да бараат да се нарекувате „Западна Бугарија“ . Не сме ние тие што не успеавме, туку тие не успеаја. Но тоа е нивна куќа, не е наша куќа. Ние сме Европејци без ЕУ. Но,сепак сме Европа. Ние сме во средиштето на Европа“рече тој.

 

„Единствениот проблем што го имам со овие луѓе (ЕУ) е што кажуваат „ние ве сакаме, но имате некои проблеми што не сме ги решиле. Што мислат со топа кога ќе речат „не сте подготвени“. Ние сме подготвени. Едноставно нека кажат – сте ја завршиле работата, но ние не сме подготвени, рече Рама.

 

„Европа има проблем, проблем има големата, визионерска Европа. А проблем е самата ЕУ, зашто Брисел ни порача дека нема можност за старт на преговори со Северна Македонија и Албанија. ЕУ не успеа да спречи блокада од една земја, затоа тоа е проблем на ЕУ”, изјави премиерот Зоран Заев на заедничката прес-конференција.