Светскиот шампион во бокс Украинецот Александар Усик со задоволство би се соочил со Британецот Тајсон Фјури, во меч за обединување на титулите во тешка категорија.

Но, Украинецот се уште ја чека одлуката на Ентони Џошуа за евентуален реванш. Меѓутоа, доколку Британцот продолжи да одолговлекува и наскоро нема потпишан договор за реванш меч, нема да биде изненадување напролет љубителите на боксот да гледаат меч за обединување на титулите и апсолутен шампион во тешка категорија.

Причина за таквиот развој на настаните беше изјавата на Еј Џеј дека со добра понуда ќе се повлече и ќе ги остави Усик и Фјури да направат обединувачки меч. Сепак, тоа би се случило само доколку се потпише клаузула дека победникот прво ќе се бори со него и нема да има реванш.

-Гласините дека Еј Џеј ќе се повлече се слушаат од моментот кога Фјури го нокаутира Вајлдер. Слушнав дека Џошуа ќе размисли за таква опција со добри финансиски стимулации. Одговорот на Усик на ваквиот развој на настаните е дека не му пречи и е подготвен, не се плаши од Тајсон, изјави Александар Красјук, менаџерот на Украинецот за „Скај спортс“.

Моментално ситуацијата во категоријата е таква што Џошуа и Усик треба да се соочат во пролетта следната година. Фјури, пак, чека ривал да биде номиниран од ВБЦ. Меѓутоа, доколку наскоро нема развој во една од двете насоки, нема да биде изненадување да се одржи меч за обединување на титулите.