Александар и Мартина го кажаа судбоносното ДА само пред матичар и сведоци

572

Двајцата млади во петокот склучија брак во канцеларијата на Управата за водење на матични книги, зад хотелот „ Стоун Брич“, кај Камениот мост. Скромно, без некоја помпа, овој пат младите решија да ја крунисаат својата љубов, велејќи дека не ги плаши корона вирусот и токму заради тоа не ја откажале венчавката која им била претходно закажана. – Сепак, моравме да ја откажеме големата веселба во ресторан. Венчавката ќе ја прославиме дома, со најблиските, ни рече невестата Мартина, која беше облечена во обичен бел фустан

 

И покрај кризата со коронавирусот и состојбата на страв и неизвесност што владее, зрак свежина влева тоа што сепак животот продолжува понатаму и дека љубовта пркоси на сè.

Дека љубовта меѓу двајца млади ништо не може да ја спречи говори и тоа што и строгите мерки и вонредната состојба не можат да влијаат на тоа, таа да се овековечи, односно да се круниса со брак.

Таков беше случајот со 36-годишниот Александар и 24-годишната Мартина Станоевски кои судбоносното да го кажаа во петокот во канцеларијата на Управата за водење на матични книги, зад хотелот „ Стоун Брич“, кај Камениот мост.

Скромно, без некоја помпа, овој пат младите решија да ја крунисаат својата љубов, велејќи дека не ги плаши корона вирусот и токму заради тоа не ја откажале венчавката која им била претходно закажана.

– Најнормално e дека сме возбудени. Но, немаме од што да се плашиме. Сепак, моравме да ја откажеме големата веселба во ресторан. Венчавката ќе ја прославиме дома, со најблиските – вели невестата Мартина, која беше облечена во обичен бел фустан, но ни рече дека нема да се откаже од венчаницата.

– Сепак ќе облечам венчаница, нема да се откажам од неа. Кога ќе одиме кај татко ми ќе се пресоблечам и ќе ја носам на прославата со најблиските – истакна Мартина.

Ова е само една потврда дека во метрополата и понатаму продолжуваат да се склучуваат бракови, иако во намален обем.

Матичарката Цена Ангелковска вели дека тие имаат работа и додека трае кризата, па браковите се склучуваат секоја среда и петок.

– Склучувањето на браковите не престанало. Пред сè, бракови склучуваат оние на кои им е итно. На пример кога невестата е бремена или се работи за мешан брак, кога еден од младоженците е странец и треба да го продолжи престојот – изјави Ангелковска.

Таа додава дека има и такви кои ги откажуваат претходно закажаните венчавки.

Венчавките се склучуваат во канцеларија, во Управата за водење на матичните книги, што се наоѓа зад хотелот „Стоун Брич“, кај Камениот мост.

– Просторијата е затворена додека трае венчавката. Се почитуваат мерките на Владата и на Министерството за здравство. На венчавката доаѓаат само четворица. Двајцата младенци и двајца сведоци – објаснува Ангелковска.

Притоа, церемонијата се одвива скромно.

– Нема венчаници и фракови. Младенците се облечени најнормално. Се работи само за службено венчавање, а не за свадба – опишува Ангелковска.

Според неа, додека трае ваквата состојба биле склучени над 20 бракови.

– Во просек секоја среда и петок имаме закажано по три венчавки. Мора да се заврши навреме бидејќи сега полицискиот час е од 16 часот – потенцира Ангелковска.

(А.П.) – Фото: Ѕ. Плавевски