Албанија ја достави до Советот на Европа резолуцијата против извештајот на Дик Марти

57

Албанија ја достави до Советот на Европа резолуцијата против извештајот на Дик Марти во која за неосновани се сметаат тврдењата за нелегална трговија со органи во Косово и Албанија, за време на косовската војна, јави АБЦ њуз.

Резолуцијата беше усвоена од страна на албанскиот парламент на 21 минатиот месец со 125 гласови „за“. Во неа стои дека тврдењата наведени во извештајот на Дик Марти и по 10 години истрага не се докажани и не се засноваат на факти.

-Согласно резолуцијата одобрена од Парламентот на Албанија, на 21 јули 2022 година, тврдењата изнесени во извештајот на Дик Марти за убиства на луѓе заради вадење и продажба на нивните органи и илегална трговија со човечки органи во Албанија и Косово, кои се наведени во ставовите 1 и 4 од Резолуцијата 1782 (2011) на Советот за безбедност, по повеќе од десет години длабински истраги од страна на Специјалните истражни сили на ЕУ и нејзиниот наследник, Канцеларијата на специјалниот обвинител, остануваат недокажани и незасновани на докази и факти и затоа треба да се гледаат како такви од сите национални и меѓународни институции, стои во белешката упатена до Советот на Европа.

Исто така се бара од Парламентарното собрание на Советот на Европа да подготви нов извештај.

-Во вербалната нота на мисијата на Албанија во Советот на Европа, се наведува дека резолуцијата на Собранието на Албанија бара од Парламентарното собрание на Советот на Европа да направи последователен извештај и да ја преразгледа Резолуцијата 1782 (2011), со преоценување на обвиненијата за нелегална трговија со човечки органи во Албанија и/или Косово, додава АБЦ њуз.

Постојаната мисија на Албанија бара постојаните претставништва на земјите-членки и набљудувачите во Советот на Европа да ја пренесат до „нивните надлежни државни органи Резолуцијата за неоснованите обвинувања за нелегална трговија со човечки органи на Косово и Албанија“.