Албанија одбележува 31 година од студентските протести, кои му ставија крај на тоталитарниот режим

22

Во Албанија денеска се одбележува 8 декември, Денот на младоста во Албанија, кога пред 31 година студентските протести го соборија комунистичкиот режим.

Од 2009 година овој датум се одбележува како национален празник во чест на сите студенти од декември 1990 година и на целата албанска младина кога на 8 декември група студенти и професори од Универзитетот во Тирана, станаа иницијатори и протагонисти на големата историска пресвртница: мирните протести кои донесоа плурализам, пад на комунизмот и раѓање на демократијата.

Под мотото „Ја сакаме Албанија како цела Европа“, тие побараа воспоставување систем на западни вредности и владеење на правото; европска интеграција и гарантирање на политичкиот плурализам како главна основа за слободно и демократско општество.

Нивниот чин мирно стави крај на долгата ера на самоизолација и идеолошко владеење, со што го отвори патот за пазарна економија и отворено општество. Студентите, на 20 февруари 1991 годна, го урнаа и големиот споменик на диктатотрот Енвер Хоџа( 1908 – 1985), кој беше поставен во центарот на Тирана, на кој присуствуваа илјадници граѓани. Моментот кога споменикот на Енвер Хоџа беше насилно урнат, тој студен февруарски ден, но и влечен низ градот е познат како симболичен чин на соборување од диктатурата.

Денот го честиташе албанскот државен врв и лидери на политички партии.

Премерот Еди Рама преку видеопорака објавена на Фејсбук наведува дека 8 декември им припаѓа само на младите. Понатаму тој додава дека во 2022 година Тирана ќе биде европски главен град на младите.

Честитајќи го денот, лидерот на опозициската Демократска партија, Љуљзим Баша, во објава на Фејсбук напиша дека „денеска по 31 година се соочуваме со уште една диктатура која ги оддалечува албанските чеда од земјата“.