Албанија лани ја посетиле 5,6 милиони туристи

57

Според Институтот за статистика, во текот на минатата година Албанија ја посетиле 5,6 милиони туристи, што е за околу три милиони повеќе споредено со претходната година.
Но и покрај овие позитивни бројки, албанскиот туризам не закрепнал целосно бидејќи не го достигнал нивото пред пандемијата, кога во 2019 година приливот на туристи достигнал 6,4 милиони.
-Посетителите од Косово го „спасија“ туризмот минатата година со речиси 2,6 милиони граѓани кои дојдоа во земјата, речиси двојно повеќе отколку во 2020 година кога нивниот број беше значително помал поради рестриктивните мерки поради Ковид. Тежината на патриотскиот туризам значително се зголеми, надминувајќи ги дури и нивоата од 2019 година, наведува Топ чанел.
По големиот пад во 2020 година токму од пандемијата, изминатата година помасовно се вратиле и полските туристи со над 112 илјади посетители.
-Покрај напорите и желбата да се привлечат што повеќе елитни туристи, повторно оние од регионот доминираат на влезовите во земјава бидејќи во однос на 2020 година резултира со зголемување на бројот на посетители од Црна Гора и Македонија, но и од соседните земји Грција и Италија, оценува телевизијата.
Истиот растечки тренд го следи и бројот на албански граѓани кои патувале надвор од државата. Статистиката покажува дека по ублажувањето на рестриктивните мерки од страна на странските држави, над 4,1 милион албански државјани ги поминале границите, но значително помалку отколку во предкризната 2019 година кога нивниот број достигна речиси 6 милиони.