Албанија: Апелација ја потврди пресудата за поранешниот албански државен обвинител

29

Посебниот Апелациски суд ја потврди одлуката на Специјалниот суд против корупција и организиран криминал, за поранешниот државен јавен обвинител, Адриатик Лала.

Судот, на 20 мај годинава, откако го прифати барањето на Специјалното обвинителство (СПАК), му изрече казна затвор во траење од две години, одземање на имот и забрана за вршење јавна функција во период од пет години.

Лала не присуствуваше на денешната судска сеанса, а адвокатот Сокол Хазизи рече дека не знае каде се наоѓа неговиот клиент.

Врз основа на пресудата за конфискација му се одзема стан во Драч од 60 квадратни метри и четири парцели во вкупна површина од 22 илјади квадратни метри, за кои не можел да го оправда потеклото.

На функцијата главен обвинител Лала беше избран во декември 2012 од страна на албанскиот Парламент со 101 глас „за“, со претходно постигнат консензус меѓу политичките партии.

До неговото заминување од функцијата во ноември 2017 година се сметаше за еден од највлијателните луѓе во Албанија, од кого многумина стравуваа. Во 2018 година, на Лала му беше забранет влез во САД поради сомневање за вмешаност во корупција. Забрана за влез во САД има и за неговата сопруга и двете деца.

Веднаш по соопштувањето на денешната одлука, преку Твитер американската амбасадорка во Тирана, Јури Ким, ја пофали работата на судството против корупцијата, наведувајќи дека никој не е над законот.

-Добро е да се види спроведување на правдата против корумпираните функционери. Обвинителите мора да продолжат да преземаат активности против функционери, без разлика колку се моќни и на колку високи функции се, кои ја злоупотребуваат својата позиција за да се збогатат. Никој не е над законот, напиша Ким.