Катастрофалните поплави, што неодамна ја погодија Европа, може да станат почести како резултат на глобалното затоплување, предупредуваат експертите.

Резултатите од истражувањата, добиени преку компјутерски модели со висока резолуција, сугерираат дека бавните бури може, во најлош случај, да станат 14 пати почести над копно до крајот на векот.

Колку невремето побавно се движи, толку повеќе дождови паѓаат на мала област и постои опасност од сериозни поплави, пренесува Гардијан.

Истражувачите веќе знаеја дека повисоките температури на воздухот предизвикани од климатската криза значат дека атмосферата може да задржи повеќе влага, што пак доведе до поекстремни врнежи од дожд. Сепак, најновата анализа е прва што ја процени улогата на бавно движените бури во предизвикување екстремни врнежи од дожд во Европа.

Бурите проектирани во новата студија се движат уште побавно од онаа што минатата недела ги поплави Германија, Холандија и други земји, така што може да доведат до уште екстремни врнежи и поплави.

– Симулацијата дава идеја дека може да се случи нешто уште полошо – вели Абдулах Кахраман од Универзитетот во Њукасл во Велика Британија, кој го водеше истражувањето.

Професорката Лизи Кендон од британската метеоролошка служба изјави дека оваа студија покажува дека покрај интензивирање на дождовите со глобално затоплување, можеме да очекуваме и големо зголемување на бавните бури.

– Ова е многу релевантно за неодамнешните поплави забележани во Германија и Белгија, кои ги потенцираат разорните последици од бавните бури – посочи таа.

Научниците веруваат дека затоплувањето на Северниот пол е причина за забавување на временските системи, забавување на ветровите и струите.

Тој феномен веќе е поврзан со жешки бранови во Русија и поплавите во Пакистан.

Интензитетот и обемот на поплавите во Западна Европа, во кои загинаа скоро 200 лица, ги шокираше климатските научници кои не очекуваа дека рекордите ќе бидат соборени толку брзо и на толку голема површина.

Научниците ја проценија промената на забавената бура во сценарио каде емисиите на јаглерод не се намалуваат и продолжуваат да растат.

Според истражувачите, оваа студија сугерира дека промените во екстремните бури ќе бидат значителни и ќе доведат до зголемување на фреквенцијата на разорни поплави низ цела Европа.

– Ова е, со сегашните поплави во Европа, повик за будење дека треба да произведеме подобрени системи за предупредување и управување со итни случаи – заклучуваат истражувачите.