Акција за чистење на снегот во Кисела Вода 

72

Во Општина Кисела Вода од рано изутрина се одвива акција за расчистување на снежните наноси.

Како што информираат од локалната самоуправа, со механизација се расчистува  снегот, се фрла сол на замрзнатите површини, со цел граѓаните да можат непречено да стигнат до своите работни места.

– Исчистени се и приодите до градинките, тротоарите и пешачките патеки. Интензивно се работи на Теферич, во Припор, во Драчево, во моментов се чистат Пржино и Црниче. Ќе бидат опфатени сите месни и урбани заедници низ општината. Координирано, заедно со службите на градот Скопје се работи на расчистување на булеварите и автобуските постојки, соопштуваат од општината.

Инаку, службите на Општина Кисела Вода се достапни 24 часа за граѓаните кои имаат потреба од дополнителна интервенција за расчистување на напластениот снег. Контакт може да се оствари на телефонскиот број: 075/309-548 (Далибор), на contact@kiselavoda.gov.mk или на фејсбук страницата на Општина Кисела Вода.

Од општината апелираат до сопствениците на деловните објекти да ја исполнат својата законска обврска за расчистување на снегот од пред влезот на објектот, а исчистениот снег да не го фрлаат на улиците со што би ја отежнале работата на нашите служби. При тоа, посочуваат дека ваква обврска имаат и сите други граѓани кои треба да го расчистат снегот пред своите дворови  и влезовите на станбените згради и со тоа да овозможат проодност и непречен пристап до објектите.