Акција за чистење на Охридското Езеро на седум локации

39

Над 100 волонтери Пиварци, претставници од општините Охрид, Струга и Дебрца, Црвен крст Охрид и нуркачките клубови „Амфора“ и „Акватек“, денеска го чистеа дното и крајбрежјето на Охридското Езеро на седум локации. Во рамки на акцијата, организирана од Пивара Скопје, а поддржана од Министерството за животна средина и просторно планирање и Пакомак, бил собран отпад со површина од над 100.000 метри квадратни.

Брендот Скопско, како што информира организаторот, секогаш го поддржува она што е суштински значајно и автентично за нашата заедница.

– Како еден од најстарите македонски брендови чувствуваме дека нашa одговорност е да се вклучиме и да придонесеме кон заедницата, со особен фокус на заштита на животната средина и активно да делуваме за зачувување на нашите природни и културни богатства, како што е Охридското Езеро. Оваа акција е само вовед во долгорочната платформа за заштита на животната средина која Скопско наскоро ќе и ја претстави на јавноста, изјави Марта Завкова, од Пивара Скопје.

Општина Охрид ја поддржа акцијата, а градоначалникот Кирил Пецаков ветил дека и во иднина ќе се вклучуваат во ваквите еколошки акции и ќе дадат поддршка на сите проекти кои се поврзани со заштита на природното богатство.

– Она што сме го добиле како најскапоцен подарок од природата, а светот го вреднува како светско наследство, обврзани сме да го заштитиме и да го сочуваме за идните генерации, рече Пецаков.

Градоначалникот на Струга, Рамис Мерко ги повика стружани заеднички да ја чуваат околината и да обезбедат чиста и здрава животна средина.

– Задоволство ми е што денеска сум дел од ваква еколошка акција и соработка. Нашиот град се препознава по убавата природа, чистиот воздух и животната средина, но ова не значи дека ние и понатаму не треба да вложуваме и да се залагаме за подобра иднина, истакнал Мерко.

Дебрца, според градоначалникот Зоран Ногачески, иако рурална општина, преставува значајна алка со подеднаква одговорност во заштитата на Охридското Езеро.

– Најголемиот слив на Охридското Езеро, реката Сатеска, започнува и завршува во Дебрца и затоа не случајно е дел од природното и културно наследство во регионот заштитено од УНЕСКО, вели Ногачески.

Подводно, како што стои во информацијата, езерото се чистело кај Заливот на коските, Градиште и вливот на реката Сатеска.