Од активни и згаснати фирми, живи и починати луѓе државата бара над 141 милион евра

892

Близу две илјади фирми и нешто помалку физички лица до крајот на јуни годинава направиле долг кон државата од над 141 милион евра, неплаќајќи разни видови даноци и царини.

Најновата листа на должници што ја објави Управата за јавни приходи, сепак покажува дека и бројот на должниците и долгот се намалуваат. Така, на овомесечниот список има 1.924 правни лица, што е за 13 помалку отколку на јунскиот и 1.882 физички лица, што е помалку за 642 .

Вкупниот нето долг што го направиле тие изнесува 8.684.577.660 денари, што од претходната листа е помалку за 260.639.595 денари. Нето долгот за даноци и придонеси изнесува 8.537.537.637 денари, или помалку за 261.243.887 денари од претходната листа а долгот за царина е зголемен за околу 600.000 денарти и сега изнесува 147.040.023 денари.

УЈП секој месец објавува список на фирми и граѓани кои разните задолжителни давачки како што се ДДВ, персонален данок, данок на добивка, царина, акциза и социјално осигурување не ги платиле до крајот на претходниот месец. Минималниот долг за кој една компанија ќе се најде на списокот е 300.000 денари, а за физичките лица најниската сума е 120.000 денари.

Новиот список на УЈП не донесе многу новини во однос на претходните. Така, повторно на врвот се три компании за производство на автобуси кои пред повеќе од деценија ипол ги отвори, па ги продаваше мексиканецот со македонско потекло Ангел Кстиљо. По разни основи овие компании должат повеќе од една милијарда денари.

Од списокот и понатаму не се симнуваат починати лица, како на пример неколку во минатото познати бизнисмени и еден адвокат. Тие се евидентираат и јавно се прикажуваат како должници, главно за персонален данок, иако не можат да го платат. Се уште на државата и должи и познатиот поранешен тутунски бос Бајруш Сејдиу, а на списокот и понатаму, со години опстојуваат и Македонската радио телевизија, неколку фудбалски клубови, јавни и државни фирми и бројни општински комунални претпријатија.

(С.В.)