„Кога се прогласи вонредната состојба во Србија јас во Белград играв претстава во 20 часот. Веќе следниот ден автобуската агенција со која требаше да се вратам не возеше… По извесно време самоиницијативно одлучив да тргнам до границата со приватен превоз“, вели Костовска, која своето патешествие до границата Табановце и од границата до карантинот во Скопје за весникот „Вечер“ го опиша како стресно и неизвесно. „На српската граница, полицајците само ме прашаа:’ Дали вие знаете дека одите во државен карантин? Само да знаете ако излезете нема веќе враќање во Србија, нема не сакате ова, не сакате она“. Значи беше џа или бу, тргнав пеш по онаа ничија територија кон македонската граница…

 

Македонската актерка и пејачка Ана Костовска веќе неколку денови е во четирнаесетдневниот карантин во хотелот „Ибис“ во Скопје, каде што е сместена веднаш по пристигнувањето од Белград. Таа во српската метропола била ангажирана во претставата „Љубавна прича“ на Пуриша Ѓорѓевиќ, а во режија на Љубиша Ристиќ. За весникот ВЕЧЕР Костовска го откри своето патешествие од Белград до Скопје, кое како што вели „беше и стресно и неизвесно“, но додава и дека сега се е во најдобар ред.

„Важно е што сум во Скопје, блиску до своите, а во карантин сега и двапати по 14 дена, ќе издржам“, вели Костовска. Таа самоиницијативно пред неколку денови решила да се врати во Скопје, кај своите.

„На 15 март кога се прогласи вонредната состојба во Србија јас во Белград играв претстава во 20 часот. Веќе следниот ден автобуската агенција со која требаше да се вратам не возеше и оттогаш секој ден се “туфкав“, иако ништо не ми недостасуваше. Бев на безбедно, во театарското хотелче, но тука во Скопје ми е целото семејство. На крајот сите си заминуваа, и си мислев, џабе ми е добро кога јас катадневно се сакалдисувам и мислам. И во последен момент се одлучив. Најавуваа дека ќе го затворат Белград и општините и дека полицискиот час, кој траеше од 5 напладне до 5 наутро, ќе биде продолжен, а тогаш ќе немав шанси да се вратам“, раскажува Костовска. Таа ни ги откри и стравовите со кои се соочила во Белград, а кои дополнително предизвикале нелагодност кај неа.

„Имавме разни информации и приказни кои нè плашеа. Во Србија ја видов фотографијата како е наместен огромниот простор на саемот со илјадници кревети. Знаете, кога го имате тоа како слика, си мислите каде ли ќе ве водат сега…“

Не самоизолација туку државен карантин

Веднаш штом ја донела одлуката таа се упатила кон границата со приватен превоз. „Пријателот ме возеше од Белград до Табановце и притоа проценивме колку е потребно и тој да има време да се врати пред полицискиот час. И него го ставив во ризична ситуација да се најде на патиштата по полициски час и да го однесат којзнае каде. Мислам дека го избрав последниот момент, а превоз друг -немаше. Јас постојано комуницирав и со нашиот амбасадор кој беше и љубезен и кооперативен, се трудеше да најдеме решение и многу се насекирав кога му се јавив од граница. Тој ми кажа дека ќе потпишам документ за самоизолација, но и тој не знаеше дека се сменила ситуацијата и дека нема повеќе самоизолација. Работите се менуваа од час во час. Кој и да влезеше мораше да го помине двонеделниот т.н. државен карантин.

На 26 март околу 10 часот утрото бев на Табановце. Ја поминав сама, пеш. Пусти беа автопатиштата, само имаше долги колони камиони на границата.

Пријателот ме остави малку подалеку, едно километар и повеќе ги влечкав стварите. На српската граница, полицајците се ригидни, строги, нема со нив многу муабет. Само ме прашаа: Дали вие знаете дека одите во државен карантин? Јас им велам: Во самоизолација одам. Ми одговорија: Госпоѓо не е така. Само да знаете, ако излезете нема веќе враќање во Србија, Нема не сакате ова, не сакате она.

Значи беше џа или бу, тргнав по онаа ничија земја, до нашата граница. Таму ми се придружи и еден човек кој од феноменални услови во Белград каде што има стан и каде што бил сам и изолиран, тргнал кон границата. Меѓутоа не можел да издржи, сакал да си дојде кај синовите, жената… Неколку саати бевме во една просторија и беше стресно. Бидејќи ни самата полиција не знаеше каде ќе нè водат седевме до два попладне таму додека да дојде комбе. Исклучително добро беше организирано, а возачот целосно заштитен. Кога стигнавме во центарот на Скопје си помислив, блиску сум, на два километра до син ми“, ни раскажа Костовска.

Таа додава и дека сè што се случува во Србија и Македонија ја засега бидејќи мајка ѝ е од Белград, а татко ѝ е од Битола.

„За мене Србија и Македонија е исто. Кога сум во Белград срцето ми е тука, кога сум тука мислам на пријателите во Белград, таква ми е кармата…“, додава Костовска.

Сочувство и сигурност

Ја запрашавме и како и е сега во карантинот, како го поминува времето…

„Јас сум океј сега. Храната е пристојна. Не е некаква гозба, нема шкампи и не знам што, но сосема е доволно. Брат ми ми донесе лаптоп, ми донесоа овошје и чоколадо, колку да имам привид дека сум дома. Мора да кажам дека сум просто импресионирана од сериозноста која ја затекнав во хотелот. Бидејќи полицајците се ригидни, строги и кај нив нема многу интимизирање, овие луѓе овде имаат сосема нормален однос со почит и со мирни зборови кон нас, се чувствува едно сочувство и веднаш ви се влева сигурност.

Едноставно сега сите се молиме за здравствените работници, ако нив им е добро, ако тие се здрави и ние имаме шанси ова да го поминеме добро. Сега сум потполно спокојна штом сум тука, штом сум поблиску до моите“, вели Костовска.

За самото сместување и медицинската процедура која се спроведува во хотелот, таа ни кажа дека е онака како што напишала и на својот фејсбук-статус во кој вели: „Сама сум, во удобна и опремена соба со ТВ и интернет, сет на средства за чистење, маски, гел, три оброци дневно и секојдневно мерење на температура.

Приказните околу тој фамозен државен карантин, кои ги слушав во Србија, а пратев и што се случува во Македонија, беа застрашувачки – стационар, кампови, логори, од страшно-пострашно… кога не истоварија пред хотел во центар на Скопје, планина ми се симна од плеќите… Кога ја видов екипата која не пречека на влезот, опремена, љубезни гласови зад маските, гледаш во очите дека се сериозни, но сочувствителни… инструкции за права и обврски… срдечен поздрав и до гледање… Муабетот ми е дека првпат откако сево ова почна почувствував дека некоја умна глава и топло срце просудува и носи добри одлуки… Бев подготвена да поднесам многу полоши услови само да дојдам што поблиску до моите најблиски, ќе издржав и камп и не знам што… Но,ова е за мене потврда дека можам да верувам на планот на одговорните во градов и државава… Тоа луѓе, чувајте се… се гледаме, нели“.

Ана Костовска е македонска актерка и пејачка со специфичен глас. Во телевизиската серија „Бушава азбука“, која во моментов се репризира на МТВ, таа ги изведува насловните нумери. Има многубројни главни и споредни улоги во претстави од разни продукции, како и во телевизиски и филмски проекти, соработува со Кирил Џајковски, Милчо Манчевски, Влатко Стефановски, Драгиша Солдатовиќ-Лабиш…, а ја знаеме и како главниот вокал на култната група од осумдесеттите, “Бастион“. Веднаш по дипломирањето во 1985 на ФДУ во Скопје, таа се придружува кон трупата К.П.Г.Т. на режисерот Љубиша Ристиќ, еден од најзначајните европски режисери во тоа време и во 1995 се сели во Белград каде што продолжува да работи како актер. Во 2001 се враќа во Скопје, а од 2007 е  вработена во Драмскиот театар Скопје. Глуми во филмовите „Големата Вода“ на Иво Трајков, „Бал-кан-кан“ во режија на Дарко Митревски, „Сенки“ на Милчо Манчевски, „Јас сум од Титов Велес“ на Теона Митевска, „Беса“ на Срѓан Карановиќ, „До Балчак“ на Стале Попов …, како и во бројните претстави во режија на Љубиша Ристиќ, Сашо Миленковски, Владимир Милчин, Бранко Брезовац…

(Д.Т.)