Бидејќи коронавирусот се рашири низ светот, некаде се појави – а некаде допрва ќе се појави – потреба од карантин. Еве некои совети како да се однесувате во таква ситуација.

Во принцип, ако сте здрави, најмногу ќе ви пречи што треба да сте затворени дома три недели (толку трае инкубацијата). На еден член од вашето домаќинство ќе му биде дозволено на секои два дена да излезе и да пазари во супермаркетот се што ви е потребно за дома.

Во Кина, на пример, оние кои излегуваат на улица имаат чувство на непријатност оти улиците се празни.

Веројатно е дека ќе ви недостасува дневната рутина, како одењето на фитнес, па дури и одењето на работа.

Имајте предвид дека да бидете во карантин е малку веројатно оти многу на малку места во светот се имаат случено големи избувнувања на коронавирусот. Превентивно, би требало да се одбегнуваат места и настани на кои се собираат многу луѓе.

Еве неколку совети објавени во магазинот Форин полиси, за подготовка за карантин од оние кои веќе поминале низ тоа. Треба да знаете дека не се подготвувате за апокалипска – туку за едно стресно но сепак привремено искуство.

  1. Подгответе ги основните работи

Тоа не значи да го „ограбите“ аптеките и продавниците. Потребни ви се маски за кога ќе излезете надвор од дома. Набавете едномесечна доза од лековите што редовно ги пиете, како и аналгетици и други вообичаени лекарства што ги има во секоја домашна аптека.

Ако пуштите, обидете се да престанете во овој период. Пушењето и пиењето ви ја зголемуваат можноста да добиете пневмонија.

  1. Храна

Во Кина, на пример, каде што е жариштето на епидемијата, нема никакви проблеми со снабденоста со храна. Оттука, можете да набавите храна што може да стои еден месец. Препорачливо е да имате супи и намирници за подготовка на супи. Супите се здрави. Зеленчукот и овошјето не можат да стојат цел месец, затоа набавете витамин Ц.

  1. Други важни работи

Како што видовме, во Кина снабдувањето со храна и вода не е никаков проблем. Но може да биде проблем ако немате едномесечна резерва на сапун, паста за заби и шампон. Ако дома чувате миленичиња ќе треба да набавите храна за нив, како и хигиенски песок – кучињата нема да можете да ги шетате надвор.

  1. Помалку важни работи

Некои луѓе кои поминале низ карантин велат дека најмногу им недостасувале грицки и благо. Ако сте склони кон ваква храна, купете си доволно чипс и чоколадо.

  1. За малите бизниси

Ако имате мал бизнис, подгответе се финансиски за случај на карантин, оти тоа е најголемиот проблем на луѓето во областите во Кина зафатени со вирусот. Размислете како ќе го поминете месецот доколу не можете да работите и како што се советува, оној дел од бизнисот што можете да го префрлите онлајн, префрлете го час поскоро. Ова е особено важно за бизнисите кои зависат од луѓе – на пример, рестораните.

  1. Осаменост

На најголем број луѓе во карантин им пречела осаменоста и здодевноста. Купете си книги, видео игри, опрема и материјали за вашето омилено хоби. Гледајте од добрата страна – во случај на карантин ќе имате повеќе време за тоа.

Велат дека многу помага за психичката состојба ако си создадете дневна рутина.

Друштвениот живот префрлете го на друштвените мрежи (тоа и онака веќе го правите).

Ако сте спортски тип, организирајте си простор за вежбање дома.

  1. Како да се преживее кога децата се по цел ден дома?

Ако имате деца и треба да останете затворени со нив повеќе време, треба да се подготвите. Родителите од Кина советуваат да им обезбедите доволно простор за трчање и играње. Ако на децата им е здодевно, вие ќе имате повеќе главбоболки.

Ако децата се на училишна возраст и поради вирусот не одат на училиште, подгответе се вие дома да ги подучувате.

Исто така, битно е да имате балкон или добро осончана просторија, оти особено на децата им е важно да поминуваат извесно време од денот на сонце.

Вистинската опасност ве демне ако имате тинејџери. Сметајте дека муртенковците би биле двојно понерасположени ако цел ден мора да го поминат со родителите.

А за возрасните, како што забележа една жена која помина низ карантин: „Нема ништо што е помалку секси од тоа цел месец да го поминете затворени дома со сопругот.“

Извор: Форин полиси