Сите сакаат почеток на евроинтеграциите на Македонија и Албанија, ако судиме според изјавите на претставниците од ЕУ и нејзините членки, но прашањето е тогаш кој е против тие да започнат во јуни? Последните информации, за некакво алтернативно проширување не даваат многу надеж дека Скопје и Тирана до крајот на француското претседателство со Советот на ЕУ, на 30 јуни, ќе ги започнат преговорите. Идејата за некаква проширена европска заедница во која би биле вклучени сите заинтересирани земји за влез во Унијата јасно покажува дека ЕУ е немоќна да постигне консензус и прави обид да го заобиколи. Како врв на сето ова денеска Европскиот парламент го усвои Извештајот за напредокот на Северна Македонија со кој го поздравува реформскиот напредок на земјата, но и инсистира на имплементација на Договорот за добрососедство со Бугарија.

Попладнево европските парламентарци со 508 гласа „за“ и 56 „против“ го усвоија Извештајот за напредокот на земјава на известувачот на Европскиот парламент, бугарскиот европратеник Илхан Ќучук, усвојувајќи притоа и некои од контроверзните амандмани.

Европратениците ги одобрија спорните амандмани 75б, 79 и 80, за кои предупреди Институтот за европска политика (ЕПИ) дека претставуваат поткопување на основните стандарди вредности на ЕУ. Амандманот 75б се однесува на историското помирување и „заедничка историја“, со што според ЕПИ, Европскиот парламент го одобрува притисокот што го врши Бугарија за да се толкува историјата на нивен начин. Амандманот 79, кој исто така е усвоен, се оценува како притисок врз заедничката Комисија за, историски и образовни прашања, која треба да работи независно и без никакви политички притисоци. Конечно амандманот 80 се коси со проценката на Европската комисија, бидејќи гласи оти нема напредок во имплементацијата на Договорот за пријателство меѓу земјава и Бугарија од 2017, што не е став на Европската комисија во нејзиниот последен извештај во 2021, предупреди ЕПИ.

Освен тоа неколку европратеници од бугарската националистичката ВМРО- Бугарско национално движење во текот на расправата пред гласањето ја нарекоа Северна Македонија „геноцидна кон Бугарите“. Европратеникот Андреј Слабаков дури оцени дека без бараните бугарски промени, членството на Северна Македонија е рамно на „тумор за ЕУ“.

Наспроти овој студен туш од ЕП, амбасадорот и шеф на Делегацијата на ЕУ во земјава, Дејвид Гир, денеска во Скопје изјави дека Унијата сака почеток на преговорите со Македонија и Албанија што е можно поскоро и ги поттикнува сите напори за остварување на оваа цел. Тој додаде дека не сака да навлегува во дебатата со рокови, но посочи дека треба да бидат направени максимални напори за отворање на преговорите, што е можно побрзо. Новиот предлог на францускиот претседател Емануел Макрон, посочи Гир, не е замена за евентуален неуспех на процесот на проширувањето, додавајќи дека ставот на Макрон и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, се јасни.

„Нема промени за процесот на проширување и единствен пат е проширување за Западен Балкан. Тоа е апсолутен приоритет и пат базиран на реформи. Затоа, не гледам дека ова ќе влијае на патот кон полноправно членство во ЕУ“, изјави Гир.

И германската амбасадорка Анке Холштајн е согласна дека земјите од регионот припаѓаат на ЕУ.

„Германскиот канцелар во владина декларација утринава изјави дека земјите од регионот на Западен Балкан припаѓаат на ЕУ. Тоа е пораката што му е потребна на регионот. Тој, исто така, додава дека геополитичката ситуација е поитна од кога било и ова е стратешка цел и за Германија“, изјави Холштајн.

Францускиот претседател Макрон, вчера, во телефонските разговори со премиерот Димитар Ковачевски, со бугарскиот премиер Кирил Петков и со бугарскиот претседател Румен Радев посочил дека Северна Македонија и Бугарија треба брзо да се поттикнат да продолжат со дијалогот за спорот меѓу нив.

Премиерот Ковачевски во телефонски разговор со францускиот претседател Макрон, рекол дека секое натамошно одложување на почетокот на преговорите за членство во ЕУ, може да претставува безбедносен ризик за регионот.

Во меѓувреме, за првпат вчера Европската комисија се изјасни за временски рок за одржување на првата меѓувладина конференција со Македонија и Албанија, при што еврокомесарот Дидие Рејндерс повика преговорите со двете земји да започнат пред крајот на француското претседателство, на 30 јуни.

Претходно вчера премиерот Ковачевски нагласи дека европската интеграција на Северна Македонија и за Албанија, е заложник на Бугарија и „е сведена на зборување за историја“, што според него е „класична уцена и не може да произведе никаков бенефит за никого“.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи, пак, сè уште е на констатацијата дека „топката“ е во Бугарија и според него таму треба да се консолидираат ставовите по однос на тоа што понатаму со процесот меѓу Скопје и Софија. Коментирајќи ја изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев дека „нема да дозволи македонизам да влезе во ЕУ“, тој нагласи дека има чинители во Бугарија, кои сакаат блокадата да продолжи и да испровоцираат наша грешка. Тој, исто така, оцени дека нацрт-резолуцијата на Европскиот парламент за напредокот на земјава за 2021 година не е директно поврзана со ветото, туку тоа е став на ЕП, додека одлуката за вето ја носи Советот на ЕУ.

(И.С.)