– Ќе се знае до каде на кафулињата ќе им биде чергата и што сè ќе можат да стават, а некаде некои објекти и ќе бидат избришани. Правилникот треба да биде донесен оваа недела, информираше Саша Богдановиќ, градоначалник на Општина Центар
Жителите на Центар, каде има и најмногу кафулиња, конечно ќе можат да здивнат од гласната музика. Општина Центар конечно реши да стави ред, кога се во прашање летните тераси и нивното формирање, но и поставување надвор од рамките на дозволеното.
Како што информираше градоначалникот Саша Богдановиќ, тие нема да може повеќе да се прават со шипки, да се поставуваат дополнителни делови, туку просторот ќе биде ограден со жардиниери. А тој што сака да постави урбана опрема надвор ќе мора да го почитува правилото надвор да не пушта музика по 22 часот.
Тоа стои во Правилникот за урбана опрема која е радикална кога се во прашање кафулињата.
– Ќе се знае до каде ќе им биде чергата и што се ќе можат да стават, а некаде некои објекти и ќе бидат избришани. Правилникот треба да биде донесен оваа недела – информираше Богдановиќ.
Што се однесува до музиката внатре, тука Општината не ќе може да се меша. Но, доколку кафулето сака да има урбана опрема надвор, не ќе смее да пушта музика надвор до 22 часот.
За овој Правилник, Општина Центар ќе треба да добие согласност од Градот.
Овој Правилник ќе може да се применува веднаш штом се донесе, иако претстојат парламентарни избори, бидејќи како што објасни Богдановиќ тоа е редовна работа и влезена во Програмата.
Општина Центар, уште минатото лето во јуни презеде акција за уривање на бесправно поставените летни тераси. Најчесто, како што тогаш информираа од Општината, сопствениците на кафулињата имаа одобрение на пример за одредена површина, а зафаќаа двојно или тројно повеќе, притоа узурпираа јавен простор.
Оваа акција почна од Дебар Маало на Боемската улица, при што одреден број на сопственици сами си го отстранија делот од терасите што го надминуваше дозволеното, а некаде интервенираше општинската инспекција со полицијата. Потоа, се продолжи и на улицата „Ленинова“.
(А.П.) Фото: (П.С.)