Мексиканскиот боксер Енди Руиз јуниор, изјави дека не се плаши од реваншот со Британецот Ентони Џошуа и дека и тоа ќе го покаже во рингот.

Руиз веќе пристигна во Саудиска Арабија каде ќе ги одработи финалните подготовки пред борбата која ќе се случи на 7 декември.

-Чувството е прекрасно. Вие знаете дека испишав историја во Њујорк, повторно ќе ја испишам во Саудиска Арабија, изјави 30-годишниот Руиз.

Џошуа настојува да си ги врати шампионските појаси во ВБА, ИБФ и ВБО верзиите во тешка категорија по шокантниот пораз во јуни годинава. Неговиот сонародник Тајсон Фјури непосредно пред борбата му додаде сол на раната.

-Ако биде нокаутиран два пати во низа, не знам како ќе може да ја продолжи кариерата. Секој го прави она што го сака, но мислам дека парите не му се потребни и дека два нокаута во низа ќе бидат погубни за неговата кариера. Не мислам дека Руиз е предобар, но секако дека има ментална предност пред Џошуа. Секој има своја бабарога во кариерата, за Џошуа тоа е Руиз, изјави Фјури.

Мексиканско-американскиот боксер по првпат ќе ја брани титулата во тешка категорија, а во оваа борба ќе биде значително ослабен. Руиз на првиот дуел влезе со 120 килограми, а непосредно пред реваншот откри колку ја намалил  тежината.

-Луѓето велат дека ќе загубам многу килограми и нема да имам толку многу сила. Јас сум само три килограми полесен од првиот меч. Сè уште сум многу силен, изјави Руиз кој салото за многу кус период го претвори во мускули.

Борбата меѓу овие двајца боксери е прва која ќе се одржи на Средниот Исток и тоа во Диријах арената со капацитет од 15.000 луѓе.