Ако не од 1 јули, зголемувањето на еколошката такса ќе се случи подоцна, уверени се во Владата

Според предлогот за измени на Законот за животна средина доставен до Собранието за моторниот бензин со содржина на олово над 0,013 грама во литар и за авионскиот бензин таксата од сегашните 0,15 денари се качува на 3,65 денари за литар, за безоловниот бензин со содржина на олово од 0,013 грама во литар од 0,08 денари на 3,18 денари за литар, за дизел горивото од 0,03 денари на 3,53 денари по литар, за нафтата за греење од 0,04 денари на 3,54 денари за литар, а за мазутот од 0,05 на 3,55 денари за килограм.

378

Реализацијата на владиниот план од четврток, 1 јули на секој литар увезено или произведено гориво да се наплатува повеќе од трикратно повисока еколошка такса од сегашната станува се поневеројатна.

Владата викендов ги достави измените на Законот за животна средина со кои предлага зголемување  на таксата, но тие се уште стојат во примените материјали, односно не се распоредени на комисисиска и собраниска седница до крајот на месецов. Од друга страна, тешко ќе биде нивното ниосење и во понатамошниот период зашто опозициската ВМРО-ДПМНЕ и Алтернатива најавија блокада со која сакаат да го спречат енормното зголемување на еколошката такса кое се заканува преку поскапување на горивата да го разниша и онака нискиот животен стандард на граѓаните.

Според предложените измени на Законот за животна средина таксата за моторниот бензин со содржина на олово повисока од 0,013 грама во литар и за авионскиот бензин од сегашните 0,15 денари, треба да се зголеми на 3,65 денари за литар. Кај безоловниот бензин со содржина на олово до 0,013 грама во литар од сегашните 0,08 денари таксата се зголемува на 3,18 денари за литар. За гасното масло што се употребува како дизел гориво предложено е зголемување од актуелните 0,03 денари за литар на 3,53 денари, а за она што се употребува за горење, од 0,04 денари на 3,54 денари за литар. Драстично зголемување на еколошката такса е предложено и за мазутот, од 0,05 на 3,55 денари за килограм.

Како што образложува, Владата ја зголемува оваа давчка според начелото „загадувачот плаќа“ што го применуваат државите во светот, а посебно во ЕУ, кои воведуваат различни давачки за правните и физички лица, со кои се стимулира користењето на поеколошки енергенси, но и се прибираат средства за реставрација на екосистемите и ремедијација на различните медиуми на животната средина.

-Надоместоците за увоз или производство на нафтените деривати се уредени во членот 184 од законот, при што актуелната давачка е несразмерно ниска во споредба со негативните ефекти кои се причинуваат со нивното користење, а истовремено буџетските средства за преземање на мерки за заштита и реставрирање на животната средина се недоволни, ги објаснуваат од Владата причините за законските измени со кои се зголемува еколошката такса за горивата.

Како основна цел поради која се предлагаат овие измени и дополнувања се наведуваат доуредување на делот за финансирање во животната средина, доследна примена на начелото „загадувачот плаќа“ и прибирање на потребните средства за преземање на мерки и активности за заштита и унапредување на животната средина.

Според ВМРО-ДПМНЕ, ова всушност ќе биде кризен данок, па како што најавија, со сите средства што им се на располагање, ќе се борат тој да не се воведе. Иста идеја промовира и Алтернатива.

Наспроти ова, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вчера изрази надеж дека опозициските и сите останати пратеници во најбрзо време ќе ги донесат потребните законски измени за воведување на зелена еколошка такса.

– Дали тоа ќе биде за 15 дена или за еден месец, можеби е работа на денови, но мислам дека ќе бидат донесени и не верувам дека ќе се случи спротивното, изјави тој и повика на разум за еколошката такса затоа што, како што рече, таа значи инвестирање за граѓаните, а не инвестирање во што било.

Битиќи уверува дека токму еколошката такса е еден од изворите на финансирање на проектите што се од значење за граѓаните и ги повика ВМРО-ДПМНЕ и Алтернатива да кажат кој е планот Б ако не се изгласаат овие измени.

Уверен дека ќе се донесат изменитена Законот за животна средина е и премиерот Зоран Заев. Тој смета дека и покрај најавените блокади врз основа на дебата ќе се сфати колку тоа е драгоцено и важно.

-Еколошката такса се воведува во момент кога се укинува  акцизата од три денари што ја  донесовме за време на корона-кризата. Сега барел нафта е 596 долари, ако помине нафтата на берзите 600 долари, а се очекува да се случи деновиве, ќе се укинат и двата денари акциза, така што имаме едно компензирање со што акумулираме еден еколошки фонд, појасни тој.

Владата планира иод зголемената еколошка такса во еколошки фонд за една година да се слеат 55 милиони евра.

(С.В.)