Професорот на Медицинскиот факултет во Ниш, клиничкиот фармакологот Срѓан Пешиќ, вели Србија како и останатите земји во светот има солидни протоколи, но постојано бара подобар метод на лекување, затоа антивирусниот лек „фавипиравир“ кој од почетокот се давал само во болнички услови, сега се дава и амбулантски. МАЛМЕД го одобри овој лек и во Македонија но тој засега се користи во болнички услови, а матичните лекари не можат да го препишуваат. Директорката на Клиниката за инфективни болести, д-р Милена Стевановиќ за весникот ВЕЧЕР вели дека како инфектолози тие го препорачуваат лекот фавипиравир но само во првите денови од болеста

За лекување на вирусот ковид-19 не постои волшебен лек, бидејќи болеста е мултисистемска и во исто време вирусот напаѓа повеќе органи во телото. Лекувањето е комплексно, а заразата ја пратат многу различни симптоми. Затоа на болеста треба да се делува со специфични лекови и различни механизми,а во последно време дел од овие методи се и многу скапи лекови. Србија е една од државите во регионот, која има најмала смртност од ковид-19, а тоа како што велат лекарите специјалисти се должи пред се на добрата организација во ковид-центрите и користење на новите методи на лекување.

Како што појаснува професорот на Медицинскиот факултет во Ниш, клиничкиот фармакологот Срѓан Пешиќ, Србија како и другите земји во светот има солидни протоколи, но постојано тражи подобар метод на лекување и редовно го прилагодува на новите научни сознанија.

-Српските протоколи за лекување на ковид-19, верзија 11 е многу модерен протокол и е во согласност со светските трендови. Во овој протокол се наоѓаат речиси сите лекови што се користат во богатите европски држави, но и во САД и Австралија- вели д-р Пешиќ за српските медиуми.

Тој појаснува дека антивирусниот лек „фавипиравир“ кој од почетокот се давал само во болнички услови, сега се дава и амбулантски.

-Ова е особено важно, бидејќи овој лек го признава СЗО да се дава во првите пет дена од заразата со коронавирусот – нагласува д-р Пешиќ.

Многу пациенти се спасени со овој лек,а деновиве на своја кожа го почувствува тоа и српскиот новинар Миломир Мариќ , кој се лекуваше со овој лек. Кинескиот лек „фавипиравир“, му бил препишан од д -р Горан Стевановиќ, директор на Инфективни болести Клиника во Белград, веднаш по откривање на короната.

Како што велат инфектолозите, главната мисија на „фавипиравир“ е да спречи размножување на вирусот во организмот и затоа е важно пациентите да почнат да го земаат најдоцна до петтиот ден од почетокот на симптомите. Во Србија, овој лек во таблети, до крајот на март, се користеше исклучиво во болниците, но тогаш со 11. верзија на Протоколот за третман на пациенти со ковид се овозможи овој лек на пациентот да може да му биде препишан од лекар во клиника за ковид, само за да го земе што е можно поскоро.

Лекот не треба да се дава на бремени жени или доилки, и треба да се внимава кај пациенти со тешко оштетување на црниот дроб и бубрезите. Професорот д -р Зоран Тодоровиќ, клинички фармаколог, објаснува за Курир дека „фавипиравир“ спречува размножување на вирусот и дека може да ја олесни клиничката слика.

-Колку порано се прими лекот, толку подобро! Постојат ризици од примена, но придобивките се чини дека се поголеми. Меѓу несаканите ефекти, најчести се дијарејата и некои нарушувања на крвната слика и биомаркери на функцијата на црниот дроб, вели проф. Тодоровиќ.

Од крајот на ноември 2020 година лекот е регистриран и во Македонија од страна нашата агенција за лекови МАЛМЕД. Како што тогаш кажаа од МАЛМЕД одобрен е увоз и достапност лекот на „фавипиравир“ за крајните корисници-пациентите во земјава.

Тоа според нив тоа се должи на актуелната состојба со која се соочуваме во земјава настаната со ковид-19, поткрепено со се почестите барањата на лекари кои се вклучени во третманот на оваа болест да се овозможи достапност на лекот.

– Пациентите ќе можат да го обезбедат лекот само врз основа на рецепт и по препорака на лекар. Лекот сè уште не е одобрен за индикација на лечење на ковид-19, па во таа насока апелираме и ги замолуваме пациентите да не го користат овој лек по сопствено убедување, без препорака од лекар – велат од МАЛМЕД.

Директорката на Клиниката за инфективни болести, д-р Милена Стевановик за весникот ВЕЧЕР вели дека како инфектолози тие го препорачуваат лекот „фавипиравир“ но само во првите денови од болеста.

-Се работи за лек кој што е виростатик и се очекува да го запре или намали размножувањето на вирусот- вели д-р Стевановиќ.

За разлика од Србија каде и амбулантски се дава овој лек, засега матичните лекари во Македонија немаат протоколи за да го пропишат овој лек, тоа може само во болнички услови.

Како што вели за весникот ВЕЧЕР, д-р Лидија Чолакова –Дервишова, матичен лекар и претседател на Здружението на приватни лекари во Македонија, матичните лекари засега само можат на своите пациенти да го дадат лекот „инвермектин“. Засега според неа лекувањето на матичните лекари е конзервативно со антивирусна терапија.

-За лекување со овој лек добивме протоколи од Клиниката за пулмологија кога и како треба да се дава. Треба да се утврди точната доза, односно која количина треба да се даде од лекот на колку килограми. За „фавипиравирот“ немаме протоколи, тој е многу скап лек,а кај некои пациенти не дава добар ефект ако се даде во понапредната фаза од лекувањето, има токсични ефекти – појаснува д-р Чолакова-Дервишова.

Таа потсетува дека лани кога почна да се зборува за овој лек, дека многу пациенти го купувале од странство и го плаќале скапо.

(В.Ма.)